Западот низ перспектива на Истокот – премиера на „Западен експрес“ утре во МНТ


Претставата „Западен експрес“ работена по текст на романскиот автор Матеј Вишњек, во режија на Јари Јутинен премиерно ќе биде изведена утре во 20 часот, на Малата сцена во МНТ, додека првата реприза е закажана за 4 мај.

По тој повод денеска во малата сала на Македонскиот народен театар се одржа прес-конференција. 

Претставата е копродукција меѓу МИ Филм, Sadsongskomplex:fi и МНТ.

Претставата е работена по текст на реномираниот романски, повеќекратно наградуван автор Матеј Вишњек и во режија на Јари Јутинен. Во претставата играат: Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска Костовска и Васко Костовски. Сценографијата и костимографијата се на Кристина Божурска, а музиката ја потпишува Јане Трајковски.

„Оваа претстава е резултат на копродукција помеѓу МИ Филм, Sadsongs komplex:fi и Македонскиот народен театар, што за нас претставува уште еден важен пример на регионална и европска соработка во областа на современиот театар. Овој тип на партнерства не само што ја зајакнуваат размената на уметнички искуства, туку и отвораат простор за нови сценски јазици и перспективи. За МНТ, ваквите проекти се есенцијални затоа што го позиционираат театарот како активен учесник во современите европски културни текови. Особено ми е драго што на сцената на МНТ се обединуваат уметници од различни средини, носејќи различен театарски светоглед и создавајќи дело кое зборува јасно, суштински, директно и храбро за светот во кој живееме.“, изјави Никола Кимовски, првиот човек на МНТ.

Претставата раскажува приказна за луѓе од Истокот кои посегнуваат по митскиот Запад и неговото ветување за утописка иднина, за на крај да сфатат дека возот од насловот на претставата, води кон илузија.

„Западен експрес“ спротивставува две динамики на движење: онаа на Ориент експрес — легендарниот воз , симбол на западниот луксуз, и онаа на Оксидентал експрес — движење на миграциски тела и умови кон најблиските епицентри на „американскиот модел“ и земјите на Европската заедница.

Авторот создава живописна сценска фреска исполнета со различни ликови – од војници, професори, музичари и актери, до мигранти и затвореници. Претставата е структурирана во тринаесет сцени, поврзани преку ликот на стар слеп човек кој ја носи сенката на Едип и неговата трагична мудрост, поставена врз современите општествени настани.

Вишњек го набљудува Западот низ перспектива на Истокот, прикажувајќи го стремежот кон западниот мираж и последиците од губењето на културниот и јазичниот идентитет. Иако се отвораат тешки и актуелни прашања, авторот со леснотија и гротеска создава сценски свет во кој човештвото останува во центарот, а визионерската мисла овозможува разбирање на реалноста во која живееме.