Концерт на индонезискиот музичар Маншур Ангклунг во „Јавна соба“


Во „Јавна соба“ во Скопје вечер од 20.30 часот концерт ќе одржи познатиот индонезиски музичар Маншур Ангклунг, за кој влезот за посетители е слободен.

Како што соопшти Амбасадата на Индонезија во Софија, Маншур Прадитја, познат како Маншур Ангклунг (1994, Бандунг, Индонезија) е традиционален музичар, уметник и солист, пионер на анклунг, кој ги комбинира звуците на овој традиционален индонезиски инструмент со електронска музика, под слоганот „BRING ANGKLUNG TO THE NEXT LEVEL“. 

– Пред да се запознае со ангклунг, Маншур изучувал традиционална сунданска музика како гамелан, флејта, качапи, тапани од 2009 година во средно стручно училиште. Потоа, во 2012 година, го продолжил своето образование на музичкиот оддел – студиска програма за ангклунг, на Индонезискиот институт за културни уметности во Бандунг, по што започнал музичка кариера која трае до денес. Маншур Ангклунг често настапува во Малезија, Тајван, Камбоџа, Јапонија, Индија, Дубаи, Данска, Босна и Херцеговина, Португалија и САД, претставувајќи ја Индонезија со своите настапи на ангклунг – се наведува во соопштението.

Дополнително станал сè попознат по соработките со многу познати артисти и музичари во Индонезија. Карактеристиките што Маншур Ангклунг ги носи на своите настапи, се наведува во соопштението, се динамична музика, свеж стил на облекување, впечатливи сценски перформанси, внимателно осмислени визуелен изглед и осветлување, како и високо ниво на изведувачка вештина, што ја забавува публиката и ја вовлекува длабоко во музиката што се изведува.

Настанот го организираат „Јавна соба“, Амбасадата на Индонезија и Почесниот конзулат на Индонезија во Македонија.