„Месечината ми е татко“ на Гиорги Овашвили најдобар филм на Филозофскиот филмски фестивал


Пет филма беа наградени на затворањето на 16. издание на Филозофскиот филмски фестивал, кој вчеравечер ги прогласи добитниците во категориите за долгометражни и краткометражни остварувања.

Во Официјалната селекција на долгометражни филмови, наградата „Златен був“ од стручното жири ја доби филмот „Месечината ми е татко“ на грузискиот режисер Гиорги Овашвили, кој беше истакнат за неговата уметничка способност „тишината да ја претвори во јазик, бавноста во мисла, а сликата во мит“. Наградата од публиката, исто така „Златен був“, ѝ припадна на унгарската режисерка Илдико Ењеди за филмот „Тивок пријател“.

Во конкуренција на петнаесет краткометражни филмови беа доделени три награди. Стручното жири го награди филмот „О“ на Рунар Рунарсон, оценувајќи го како естетски впечатливо дело кое преку црно-бела фотографија го прикажува човекот и неговата внатрешна состојба надвор од секојдневието. Според публиката, најдобар краткометражен филм е „Преплет“ на Гинтаре Парулите.

Специјалното признание „Стефан Сидовски-Сидо“ беше доделено на филмот „Мило ми е што си сега мртов“ од Тауфик Бархом, заради неговиот минималистички пристап и силната филозофска порака.

Жирито на фестивалот го сочинуваа Габриеле Зиндлер од Австрија, Адријано Ерколани од Италија и Катерина Колозова.

Фестивалот заврши со проекција на краткиот филм „Сценарија“ и придружното „Експозе“, последни остварувања на Жан-Лик Годар, а вечерта беше заокружена со концерт на бендот „Кокиче“.

Годинешното 16. издание на Филозофскиот филмски фестивал се одржа од 21 до 28 мај под мотото „Слобода во слободен пад“, во организација на Филозофското друштво на Македонија, во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ и Младинскиот културен центар, со поддршка од Агенцијата за филм.