Сликовниците „Бонтон“, „Емпатија“ и „Иницијатива“ ги учат децата на важни животни вредности


Во рамките на Саемот на книгата, на штандот на „Арс Ламина“, беа промовирани трите најнови сликовници од наградуваната едиција „Големи зборови за мали уши“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за книгите „Бонтон“ од Ванчо Полазаревски (илустрации: Александра Филипоска), „Емпатија“ од Биљана Стојановска (илустрации: Орце Нинески) и „Иницијатива“, авторско дело на младата Рената Јосифовска.

Едицијата неодамна го освои второто место за најдобра едиција меѓу два саема – признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), што дополнително ја потврдува нејзината вредност и значење во современото издаваштво за деца.
Покрај најновите три изданија, едицијата опфаќа вкупно десет сликовници, меѓу кои се: „Градоначалник“ од Илина Мангова (илустр. Александар Сотировски), „Идентитет“ од Калина Малеска (илустр. Рената Јосифовска), „Непотизам“ од Иван Дричко (илустр. Здравко Гиров), „Предрасуди“ од Владимир Мартиновски (илустр. Јована Ристоска), „Традиција“ од Елизабета Баковска (илустр. Александра Филипоска), „Дипломатија“ од Горица Атанасова-Ѓоревска (илустр. Здравко Гиров) и „Екологија“ од Фросина Пармаковска (илустр. Александар Сотировски).

Целта на едицијата е преку кратки, топли и разбирливи приказни од секојдневието да им помогне на децата полесно да ги разберат „големите“, на прв поглед сложени зборови што често ги слушаат од возрасните. Со тоа, книгите не само што го збогатуваат нивниот речник, туку и ги подготвуваат за светот што ги очекува. Проектот започна во 2024 година со објавувањето на „Градоначалник“ од Илина Мангова, а денес прераснува во препознатлива и наградувана едиција.

Авторот Ванчо Полазаревски истакна дека со задоволство ја прифатил поканата да биде дел од проектот:
„Немам проблем да напишам текст по нарачка, особено кога станува збор за едукативно издание. Само зборот беше предложен, а приказната е моја. Првичниот поим го заменив со ‘бонтон’, затоа што во него пронајдов поголема инспирација. Приказната следи едно семејство кое не е баш пример за културно однесување – но некој ќе ги доведе во ред.“
Илустраторката Александра Филипоска нагласи дека илустрацијата игра клучна улога во разбирањето на приказната:
„Да се илустрира значи да се дообјасни текстот, да стане поразбирлив и попривлечен. Во процесот имав и мала помош од мојата ќеркичка, која даваше идеи за изгледот на ликовите.“

Авторката на „Емпатија“, Биљана Стојановска, сподели дека пишувањето за деца е посебен предизвик:
„Оваа приказна ја напишав во еден здив. Главниот лик е инспириран од мојот син Виктор, а токму тоа ја прави книгата особено драга за мене. Уште поубаво е што го поттикна и него да почне сам да создава приказни.“
Илустраторот на „Емпатија“, Орце Нинески, додаде дека работата на оваа книга била инспиративна:
„Добив прекрасен текст кој ми овозможи да ги пренесам емоциите на најдобар можен начин. За мене, токму емоцијата е клучна во илустрацијата.“

Авторката Рената Јосифовска за својата книга „Иницијатива“ вели:
„Идејата за приказната се роди за време на промоцијата на претходните книги од оваа едиција. Кога ги слушнав зборовите што допрва требаше да бидат преточени во сликовници, зборот ‘иницијатива’ некако ми остана во глава. Седнав и брзо ја напишав приказната. Преку работата на оваа сликовница увидов дека е многу полесно да се илустрира сопствен текст. Иако очекувањата од себе се големи, сепак си оставам простор за имагинацијата да ги доцрта и дообликува сцените и ликовите онака како што сум ги замислила.“