За агресори нема настап на Евросонг и на Венециско биенале

Ова не е тренд, тоа е реалност која се заканува да ја смени мапата на културните и музичките настани, а моралните дилеми што се наметнуваат, како повторно да ги делат, а не зближуваат народите и нациите во целиот свет


Наместо да водат културен и музички дијалог, две од најпрестижните и навлијателни културни  настани во светот избраа да бојкотираат во името на  мирот, ненасилството и жртвите. Уметничкото биенале во Венеција и Евросонг во Виена пред нивниот официјален старт.

Првиот, заради враќањето на Русија на Биеналето, а вториот заради учеството на Израел.

Овие случувања од морални и цивилизациски причини не ги засегаат само организаторите. Тропаат и на вратата и на јавната светска свест и на највисоките функционери во Владите и на ЕУ, а далекусежните последици (не) можат да се предвидат ниту во културни, ниту во светски рамки. 

Денес е светска вест колективната оставка на жирито на Биеналето во Венеција ( од 9 мај до 22 ноември) , центарот каде се дефинира современата уметност денес. Каде темите и делата прикажани на Павилјоните влијаат на идните правци во уметноста, архитектурата и културната теорија. Оставката на сите членови на жирито поради конфликт со Фондацијата на Биеналето и италијанската влада околу прашањето за враќањето на Русија на овој уметнички фестивал се смета за еден од најдрастичните потези досега. Во срцето на конфликтот е контроверзната одлука за повторно отворање на рускиот павилјон, кој е затворен откако Русија започна Специјална воена операција во Украина во 2022 година.
Објаснувајќи ја својата оставка, петчленото жири, предводено од бразилската кураторка Соланж Фаркаш, изјави дека нивниот потег е мотивиран од нивното одбивање да соработуваат со „земјите чии лидери во моментов се обвинети за злосторства против човештвото пред Меѓународниот кривичен суд“, со други зборови, Русија и Израел.

Откако објави дека ќе го бојкотира отворањето на Биеналето, италијанскиот министер за култура Алесандро Џулио оваа недела испрати инспектори од министерството да испитаат дали учеството на Русија е „во согласност со постојниот режим на санкции“.

Претходно, ЕУ изјави дека ќе го суспендира финансирањето на Биеналето поради нејзината одлука да биде домаќин на руски уметници на изданието во 2026 година.

И годинешното 70-то издание на Евровизија во Виена (од 12-16 мај) се соочува со најголемиот бојкот во својата историја. Телевизиите од Шпанија, Ирска, Исланд, Холандија и Словенија веќе го најавија своето повлекување, критикувајќи го Израел за војната во Газа. Израел досега четири пати победил на ова натпреварување, а годинава земјата ќе ја претставува 27-годишниот француско-израелски пејач Ноам Бетан. Кон бојкотот се приклучија и повеќе од илјада музичари и групи низ светот, меѓу кои и светски познати имиња како Питер Габриел, Роџер Вотерс од „Пинк Флојд“, Брајан Ено , „Масив Атак“ (Massive Attack), „Кникеп“ (Kneecap) и Маклемор (Macklemore), поради учеството на Израел на натпреварот.

Во писмото, објавено на веб-страницата на движењето „Нема музика додека трае геноцид“, до сега собрани над 1.100 потписи. Во прогласот се наведува дека како културни работници од земјите членки на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), тие одбиваат да дозволат Евросонг да се користи за „разубавување и нормализација на геноцидот, опсадата и бруталната израелска воена окупација врз Палестинците“.

Кога културата добива политички димензии, бојкотот стапува на сцена

Бојкотот, а не културниот дијалог стана денес најсилното оружје во справување со ужасите на војната, страдањата и болката што ги носи, па моќта од политичката и економската сцена, се префрли на културната и музичката сцена. Тоа не е тренд, тоа е реалност која се заканува да ја смени мапата на културните и музичките настани, нивното постоење и важност, а моралните дилеми што се наметнуваат, како повторно да ги делат, а не зближуваат народите и нациите во целиот свет.

Може ли тезата „каде што има уметност, има и дијалог“ да важи кога една страна води војна, а другата е жртва?  Или, дали треба да се изолира или замолчи културата, уметноста, музиката и спортот кои доаѓаат од земјите- агресори?