Згасна „Доцното шоу“на Стивен Колберт по 11 сезони, Трамп ликуваше


Американскиот претседател Доналд Трамп проговори за емитувањето на последната епизода од „The Late Show with Stephen Colbert“, велејќи дека неговиот долгогодишен водител Стивен Колберт бил „како мртовец“.

Последната епизода од емисијата се емитуваше синоќа. CBS донесе одлука да ја прекине емисијата минатото лето, во време кога Paramount Global, сопственикот на CBS во тоа време, бараше одобрение од администрацијата на Трамп за спојување со Skydance Media вредно 8 милијарди долари.

Трамп, кого Колберт често го критикуваше во својата емисија, напиша на социјалната мрежа Truth Social: „Колберт конечно заврши со CBS. Неверојатно е што траеше толку долго. Без талент, без рејтинзи, без живот“.

„Тој беше како мртовец. Можеше да го тргнеш секого од улица и тој ќе беше подобар од тој целосен кретен. Фала му на Бога што конечно си замина“, додаде тој.

Ова не е прв пат Трамп да напаѓа водители на ток-шоуа. Претходно тој побара Џими Кимел да биде отпуштен откако се пошегува за првата дама.

Голем број познати гости
Во последната епизода од шоуто на Колберт, кое се емитуваше 11 сезони, беа присутни голем број познати гости, меѓу кои Пол Мекартни, Брајан Кранстон, Пол Рад и Тим Медоус. „Ако токму сега го гледате „The Late Show“, многу сте пропуштиле“, им рече Колберт на публиката, истакнувајќи дека тоа е последното емитување од театарот „Ед Саливан“ во Њујорк.

По хорот на извици од публиката, тој одговори: „Не, не, имавме среќа што сме тука во последните 11 години… не можете да го земате тоа здраво за готово“.

Колберт ја истакна „радоста“ што ја почувствуваа тој и неговиот тим додека ги создаваа повеќе од 1.800 епизоди од шоуто. „Енергијата што ни ја дадовте беше навистина потребна за да ја направиме најдобрата можна емисија за вас во текот на изминатите 11 години. Вие ни ја дадовте, а ние ви ја вративме“, рече тој.

Колбер се пошегува дека неговиот последен гостин бил папата Лав XIV, првиот папа роден во Соединетите Американски Држави, но рече дека папата одбил да излезе од својата гардероба затоа што не му биле обезбедени соодветни закуски.

Колберт ќе биде ко-сценарист за нов филм
Потоа Мекартни понуди да го замени и се качи на сцената на воодушевување на публиката. „Мислам дека би бил совршен последен гостин“, рече Колберт, на што Мекартни одговори дека „случајно се нашол тука и си ја работи својата работа“.

Подоцна, Елвис Костело, поранешниот водач на бендот Џон Батист и сегашниот водач на бендот Луис Като му се придружија на Колберт за опуштена изведба на „Jump Up“ од Костело. Потоа сите тие му се придружија на домашниот бенд и на Мекартни за последната песна на вечерта, изведба на „Hello, Goodbye“.

Колберт објави во март дека по завршувањето на неговото ток-шоу, тој ќе биде ко-сценарист за новиот филм од серијата „Господар на прстените“, насловен како „Сенка на минатото“.