МТВ преку аудиција ќе избира изведувач и композиција за Јуниорскиот евросонг 2026


Македонската Радио Телевизија започна со подготовките за настапот на Северна Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026, објавувајќи повик за аудиција на вокални интерпретатори, како и конкурс за избор на композиција што ќе ја претставува државата на престижниот детски музички фестивал.

Годинашното издание на Јуниорски Евросонг ќе се одржи на 24 октомври во Валета, Малта, а право на учество на аудицијата имаат деца на возраст од 9 до 14 години. Кандидатите треба да достават две инструментални матрици во wav формат, лични податоци и контакт од родител, а на самата аудиција ќе изведуваат две композиции по сопствен избор, проследени со краток сценски настап.

При оценувањето ќе се вреднуваат вокалната интерпретација, сценската присутност, природноста на изразот и комуникацијата со публиката. Аудицијата ќе се одржи на 1 јуни со почеток во 10 часот во студијата на МРТ, а рокот за пријавување е до 29 мај 2026 година.

Паралелно, објавен е и конкурс за избор на оригинална композиција за Јуниорски Евросонг 2026. Авторите треба да достават демо-снимка, инструментална верзија и текст на песната, а композициите мора да бидат необјавени и да ги исполнуваат правилата на Европската радиодифузна унија.

Според конкурсот, песната треба да трае најмалку две и пол, а најмногу три минути, да има современ музички израз и позитивна порака прилагодена за деца и млади. Најмалку 60 проценти од текстот треба да биде на македонски јазик.

Пријавите за аудицијата и композициите се доставуваат електронски на адресата [email protected], а повеќе информации и правилата за избор се достапни на веб-страницата на Македонска Радио Телевизија.