„Еден е Драмски“ – гостувања на националните театри во Скопје во чест на јубилејот


Dramski teatar 2 bg
Фото: Б. Грданоски

Со гостувања на националните театри од денес Драмски театар продолжува со активностите во чест на одбележувањето на 80-годишнината на театарот.

Манифестацијата е замислена како повеќедневна културна платформа на гостувања и средби што ќе ја афирмира продукцијата на македонските театри пред публиката во Драмски. Под мотото „Еден е Драмски!“ се организирани гостувања на кои се поканети сите професионални театри од националните установи во Македонија да учествуваат со по една своја претстава на сцените на НУ Драмски театар Скопје.

„Насловот „Еден е Драмски!“ го одбравме затоа што сметаме дека е  едноставен, непретенциозен, но сепак моќен и емотивен. Ја сугерира топлината на нашиот објект, уникатноста на салонот и местото на уметнички вознес на театарска публика. Генерациите актери и „театарџии“ што своето образование го стекнале на Факултет за драмски уметности и останатите факултети и уметнички академии, Драмски театар го доживуваат како своја сцена. Впрочем, повеќето од нив своите дипломски претстави ги играле токму на сцената на Драмски. Оттука, во годината кога го прославуваме големиот јубилеј од осум децениското битисување ги отвораме сцените на театарот и силно веруваме дека годинава со сите активности што ги подготвуваме Драмски е средиштето на театарскиот живот во Македонија, кој потсетува на историското, културното и уметничкото значење на театарот“- вели директорот Роберт Вељаноски.

Од вечерва во наредните две недели ќе настапат националните театри и тоа: „Народниот театар Битола“, „Народен театар Охрид“, театарот „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес и “Театарот за деца и младинци“. Во текот на месец мај ќе гостуваат и „Албански театар Скопје“, театарот „Антон Панов“ од Струмица и „Турски театар“.

Во текот на годината на прославата на големиот јубилеј, ќе гостуваат останатите национални театри од Македонија како и театарски куќи од регионот.

Вечерва во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ Народниот театар од Битола ја игра комедијата „Кокошка“ на авторот Николај Кољада. Режијата е на Марјан Георгиевски. Улогите се доверени на актерите: Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Николче Пројчевски. Уметничкката екипа ја сочинуваат сценографот Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски, драматурге Оливера Павловиќ, светло Игор Мицевски, испициент е Оливер Петровски и суфлер Мирјана Христовска.

Гостувањата продолжуваат на 5 мај ( вторник) со изведбата на претставата „Парите се отепувачка“ на „Народен театар Охрид“. Режијата и адаптацијата на текстот на Ристо Крле го направи режисерот Андреј Цветановски. Сцена, костими и видео дизајн ги изработи Сергеј Светозарев, а музиката Димитер Андоновски. Инспициент на претставата е Филип Ангеличин – Жура.

Во претставата играат: Стрезо Стаматовски, Филип Кипровски, Марија Новак, Адријана Билаловиќ – Тодороска и  Никола Тодороски.

На 6 мај во 20 часот се игра претставата „ Вечера за глупаци“ на театарот „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес. Автор е Франсис Вебер, а режисер Ненад Витанов. Во уметничкиот тим се сценографот Филип Коруновски, костимографот Раде Василев, а аудио дизајнот го изработи Сашко Костов. Инспициент на претставата е Славиша Ѓеоргиев, а суфлер Орхидеја Дукова.

 Во поделата на улоги е актерската екипа: Жарко Спасовски, Сандра Танчева, Јордан Витанов, Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Талија Настова, Кире Ацевски и Сашко Костов како гласот на Мено.

На 9 мај (сабота) во 19 часот на сцената во Драмски гостува „Театарот за деца и младици“ со претставата „Садако сака да живее“. Претставата е работена по мотиви од истоимениот роман од Карл Брукнер. Режија и драматизација на претставата се на Тамара Кучиновиќ, сценограф е Давор Молнар, костимограф Зденка Лацина-Питлик, обликување на кукли Кирил Василев, изработка на костими Љубица Велкова. Музиката е на Ивана Ѓула и Лука Врбаниќ. Обликување на светло Тамара Кучиновиќ. Превод и драматург на претставата е Драгана Лукан-Николоски. Инспициент Ѓуро Дракулоски.

Улогите ги играат: Анастасија Ласовска, Никола Наковски, Ана Левајковиќ-Бошков, Катарина Илиевска-Силјановска, Изабела Новотни и Марија Ѓорѓијовска.

На 19 мај се претставува НУ „Албански театар од Скопје“ со претставата „Да лажеш или да не лажеш“ работена по текстот „Лажлив вид“ од Ентони Нилсон. Режисер е Шкумбин Истрефи, сценограф е Енес Деари, костимограф Амра Исмани, композитор Арта Абази. Улогите во претставата ги играат: Висар Етеми, Блерим Дарлишта, Осман Ахмети,Теута Ајдини Јегени, Фисник Зеќири, Дритеро Аме, Гентиана Рамадани и Мелика Кастрати.