Времен режим на сообраќај до петок во дел од Дебар Маало


Поради продолжување на градежните активности за реконструкција на улицата „Ленинова“, Општина Центар ја информира јавноста дека од денеска до петок ќе биде воведен времен режим на сообраќај во дел од населбата Дебар Маало.

Во периодот од 8 до 16 часот, за сообраќај ќе бидат затворени улиците на потегот од „8 Март“ до „Коста Веселинов“, во зоната околу кружниот тек кај „Хемпро“.

Градоначалникот, Горан Герасимовски посочи дека сообраќајот ќе се одвива по изменет режим, согласно поставената сообраќајна сигнализација.

„Општина Центар апелира до сите учесници во сообраќајот да ја следат привремената сигнализација и упатствата на надлежните служби, со цел реконструкцијата да се одвива безбедно и во предвидениот рок“, истакна Герасимовски.