Возач на приватен автобус ги оставил патниците сред Илинден – „Не го знаел патот за назад“
Несекојдневна ситуација денеска доживеале патниците на приватниот автобус на линијата 63, откако возачот, наместо да ја заврши рутата до Мралино, ги симнал патниците во Илинден и се вратил назад кон Скопје.
Настанот се случил околу 13 часот, на линијата од Транспортен центар кон Мралино. Според сведоштвата на патниците, возачот во текот на возењето постојано кажувал дека не ја познава рутата, по што патниците почнале да му објаснуваат каде треба да вози и на кои постојки да застане.
Како што тврдат, ситуацијата кулминирала кај автобуската постојка „Илинден први мај“, во близина на кружниот тек кај маркетот „Тинекс“, каде возачот го запрел автобусот и им соопштил на патниците дека нема да продолжи кон Мралино.
Причината, според патниците, била тоа што возачот не знаел како да се врати назад кон Скопје.
Наместо да ја продолжи рутата, тој направил круг на кружниот тек во Илинден и се упатил назад, оставајќи ги патниците на половина пат.
Според возниот ред на ЈСП-Скопје, од постојката „Илинден први мај“ до крајната дестинација „Мралино“ има уште 16 автобуски постојки каде автобусот број 63 треба да застане.
Патниците велат дека по неколку минути пристигнал автобус на ЈСП-Скопје на линијата 66, со кој успеале да го продолжат патувањето. Сепак, линијата 66 не влегува во Мралино, туку поминува покрај населеното место во правец кон Миладиновци.
Граѓаните реагираат дека вакви ситуации директно влијаат врз безбедноста и довербата во јавниот превоз, особено кога патниците остануваат оставени сами да се снаоѓаат на сред рута.