Ана Дангова Хуг е новиот кандидат за судија во Стразбур


Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски (Фото: Б. Грданоски)

Комисијата за избор на кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска  одржа седница, по добиеното мислење од Советодавниот панел во однос на спроведувањето на националната постапка за избор. Панелот констатирал дека еден од тројцата предложени кандидати не ги исполнува во целост критериумите за судија во Судот во Стразбур и за да се  запазат роковите, комисијата денеска заседавала и утврдила нов кандидат на местото на оспорениот кандидат. Едногласна поддршка од членовите на Комисијата добила Ана Дангова Хуг, адвокатна , која е предложена како нов кандидат за судија во ЕСЧП.

Од Комисијата информираат дека постапката за избор на новиот кандидат била спроведена целосно согласно утврдените критериуми и препораки, со примена на истиот принцип на гласање како и претходно, вклучително и почитување на препораките на ДКСК за изземање на дел од членовите.

Комисијата утре, преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, официјално ќе го извести Експертскиот панел за новиот кандидат.

Членовите на Комисијата изразиле задоволство што Експертскиот панел немал забелешки за постапувањето на Комисијата и за целата национална постапка, иако ова е трета група на кандидати што ја праќаат во Стразбур и што премиерот јавно се замеша со изборот, уривајќи ја кандидатурата на Ленче Ристоска и пред самото изјаснување на Комисијата, па и менувајќи го претходно заради неа и целиот нејзин состав.