ДИК ќе им префрли пари на 11 блокирани општини за членовите на ОИК и ИО за локалните избори


Фото: Б. Грданоски

 Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница донесе одлука за исплата на средства за членовите на општинските изборни комисии и на членовите на избирачките одбори за локалните и повторените избори во 11 општини кои имаат блокирани сметки. 

Станува збор за 107.201.924 денари за општините Арачиново, Делчево, Пехчево, Тетово, Струга, Кривогаштани, Василево, Желино, Гостивар, Врапчиште и Зрновци, а средствата ќе бидат префрлени на наменските сметки на општините за локалните избори.   

Како што објасни претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, средствата на Државната изборна комисија ѝ се префрлени со одлука на Владата. 

Локалните избори во земјата се одржаа на 19 октомври, а на 2 ноември 2025 година се одржа вториот круг. Повторени избори имаше во четири општини, меѓу кои и Гостивар, на 11 јануари годинава.