Ѓорѓиевски најави заедничка матурска на сите скопски матуранти годинава


За да се поттикне меѓусебната толерантност и да увидат средношколците дека сите се исти, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најавува годинава сите скопски матуранти да присуствуваат на заедничка матурска прослава.

– Како пилот-проект Град Скопје планира да организира заедничка матурска прослава на учениците од сите средни училишта и матурата заедно да ја слават учениците од сите етнички припадности, од разни видови образование и социјални категории – рече Ѓорѓиевски, кој денеска присуствуваше на почетокот на националниот натпревар на вештини 2026, во организација на Занаетчиската комора – Скопје.

Инаку, како градоначалник на Кисела Вода, Ѓорѓиевски организираше заедничка полуматура, за учениците од сите основни училишта од општината лани. Сега, ќе се обиде истото да го направи и како градоначалник на Скопје, каде пак под негова ингеренција се средните училишта.

За агресивноста и за нетрпеливоста која ја пројавуваат учениците, Ѓорѓиевски вели дека проблемот не се случува единствено во училиштата, туку тие појави, рече, ги има и при вандализирање детски катчиња и урбана опрема во градот.

– Ако сакаме на долг рок да ги решаваме проблемите, треба да развиеме стратегија, која ќе донесе позитивни ефекти. Коренот треба да го бараме во семејствата и најпрвин таму да се посвети внимание, да видиме од каде потекнуваат агресијата и девијантното однесување на поединец или на група, паралелно да се работи со семејствата и професорите, но многу треба да се работи со децата, и во оснионите и во средните училишта – изјави Ѓорѓиевски.

Посочи дека додека бил поранешен градоначалник на Кисела Вода, не биле дозволени електронски уреди во наставата и дека Општината била меѓу првите што забранила користење мобилни телефони.

– Тоа е добро да се практикува и во средните училишта и за тоа ќе разговараме со сите директори на средните училишта. Онаму каде што ќе има потреба да се користат и е во согласност со наставата, таму ќе биде овозможено со посебна дозвола од наставниците, како што кажа и министерката, а сè друго ќе биде посветено учење за време на часот – изјави градоначалникот на Скопје, во чија надлежност се средните училишта во главниот град.(Б.Б.)