Јаневска со зајакнат приправнички испит и со лиценци за психолози против наставници-педофили
По неколкуте случаи на наставници и професори кои недолично се однесувале кон ученици, министерката за образование Весна јаневска, планира да го зајакне приправничкиот испит, но и да воведе лиценци за психолозите, кои ќе имаат задача да ги препознаат тие однесувања и да преземат мерки. Таа повика и на соработка од наставниците колеги на овие несовесни наставници, кои би требало да забележат и да пријват доколку видат нешто такво.
– Јас ќе се обратам уште еднаш до наставниците, кои се колеги на оние кои го вршат нелегалното дело, но и се наставници на учениците од оние кои ги спроведуваат одредени недозволиви дејства, во овој случај велите педофилија. Она што ќе го направиме е тоа да го зајакнеме приправничкиот испит, затоа што навитина таму се неопходни промени и дополнително ќе почнеме иницијатива за лиценцирање на психолозите чија основна улога би била да детектитираат било каков проблем во училиштето и да преземат мерки во иднина. Се разбира дека постојат и други алатки кои ние ги применуваме – сѐ што е забележано се пријавува на соодветните институции – рече Јаневска, прашана што презема МОН против ваквите наставници, на денештниот натпревар на вештини 2026-та што се одржува во АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје.
По овие случаи кои веќе се познати постапува Државниот просветен инспекторат и е пријавено во полиција и во јавното обвинителство, уверува Јаневска.
– Лиценцирањето на психолозите ќе се однесува на целокупната нивна работа, а јас ќе ја замолам Комората на психолози да организира додатни обуки за психолозите, бидејќи некои учеле по нови програми, некои по стари и тренинг е секогаш неопходен. Овој облик на чување мирна средина во училиштата кога наставниците дежураат по ходниците и во дворот, не е нов облик и во некои училишта функционираше, но во многу училишта не функционираше. Дописот е испратен и ние само ги потсетуваме на добрите практики и во нашата земја и во странство. Тие се луѓето кои се одговорни за однесувањето на учениците и мирната средина во училиштето – додава Јаневска.
Во однос на вандализмот и булингот меѓу соучениците, Јаневска смета дека децата не стануваат агресивни во училиштата, тие однадвор доаѓаат полни со агресија, па затоа не е одговорност само на наставниците, туку на целото општество и треба да се работи и со родителите и со социјалните служби.
– Проблемот е компликсен и треба да биде опфатен од сите страни – вели Јаневска.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја поддржува министерката во овие намери, а со цел поголема толерантност меѓу најмладите тој најавува и заедничка матурска за годишнените матуранти.
Toj најави дека за 15 дена ќе почне да функционира бесплатна психолошка поддршка во средните училишта, што ќе биде соработка на надворешен оператор со Град Скопје.