Во психоделичниот вител


ЉУПЧО ПОПОВСКИ                                                                                            (Колумна за Дојче веле)

Зачудува како политичари се сомневаат во способноста на државата да организира избори во неприродна ситуација. Што ако лекарите и медицинските сестри прифатеа ваква логика и се сомневаа во скротување на коронавирусот?

 

Оваа расправа за тоа кога би можеле да се одржат изборите, а гласачите да не влезат во прегратките на короната, полека се претвора во своевидна психоделиja. Сите политичари, во основа, зборуваат за исто – здравјето на граѓаните е на прво место    (а што би било друго?) – само што се разликуваат кога побрзо да почне вителот на кампањата. Тоа ви е отприлика како -дали повеќе ги сакате „Strawberry Fields Forever“ и „Helter Skelter“ од Beatles или „Arnold Layne“ и „See Emily Play“ од Pink Floyd или, пак, „White Rabbit“ од Jefferson Airplane од времето кога психоделичниот рок ги доживуваше своите врвни моменти.

Се разбира дека оваа тешка здравствена и економска криза не може да се истовети со психоделичниот занес во музиката, дури тоа би било и многу злонамерно, туку дека од овој вител во кој сме навлезени мора навреме да излеземе за да не биде предоцна. Лидерот на опозицијата вели дека по никоја цена не би сакал да отиде на избори доколку поради гласањето биде загрозен нечиј живот (не дај боже, некој и да почине од вирусот) и дека неговата партија би излегла на избори само на здравствено израмнет терен. И дека граѓаните, наводно, би сакале избори на крајот на август или почетокот на септември. Шефот на владејачката партија е за излегување на избори што е можно побрзо (најраниот термин што го предлага е 14 јуни) за да се фати „празниот од“ на корона вирусот, пред тој да се врати со нов силен бран наесен.

Зачудувачки е како политичари и функционери се обидуваат да најдат толку многу оправдувања и сомневања во способноста на државата да организира избори што е можно побрзо. Од претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) слушнавме толку многу објаснувања и оправдувања дека ова не можело, она не можело, да се направи за 30, 40 или 50 дена; де законските одредби за Избирачкиот список биле вакви, де онакви – во основа, одговорноста да се префли на некоја друга страна. А претседателот на ДИК можеше да соопшти поинакви работи: на пример, дека изборната комисија веќе наголемо се подготвува за избори во поинакви, неприродни, услови; дека разгледале неколку искуства од изборни процеси во некои земји во овие два-три месеци; дека е направен оперативен план во ДИК за тоа како би можеле да се изведат изборите и тој да им ги предочат на властите – дали со зголемување на бројот на избирачките места, дали со зголемувањето за неколку часа на гласањето, дали дека им е потребен топломер за секое избирачко место каде ќе им се мери температурата на гласачите, колку пара проѕирни наракавици за една употреба ќе им бидат потребни, колку дополнителни луѓе ќе требаат за да се обезбеди здравствената сигурност, дали наместо со пенкала би можело да се гласа со лепење мали маркички… и уште еден куп други работи. Но претседателот на ДИК одбра со толкувања – ова не може, она не може, и со цитирање на членови од Изборниот закон да претстави дека ситуацијата што се претставува пред нив е многу комплицирана и дека се плаши оти можеби нема целосно да одговорат на задачата.

Политичарите и професионалците

Доколку здравствените власти, епидемиолозите, инфектолозите, медицинските сестри, анестезиолозите на почетокот од март ја прифатеа оваа реторика на политичарите и функционерите, тогаш требаше да изјават дека не можат да се справат со епидемијата и да го предадат граѓанството на судбината. Целото општество треба да биде гордо на нивната храброст, одважност, пожртвуваност и знаење што уште првиот ден без ни малку сомневање во својата професионалност, изјавија – ние ќе ја совладаме оваа епидемија и ќе го скротиме ширењето на вирусот. Јасно им е на сите какви скромни можности има нашиот јавен здравствен систем по неколкудецениската девастација и егзодусот на лекарите и медицинските сестри, но политичарите и функционерите мора добро да погледнат од каде е огромната популарност и доверба на јавноста во министерот за здравство. Неговата професионалност за управување со кризата и смирените цврсти зборови на одреден начин ја успокоија нацијата. Сега партиските првенци сакаат сопствената несигурност да ја транспонираат како невидена епска загриженост за здравјето на нацијата. Секако дека тие се загрижени за здравјето на нацијата, тоа не може да се негира или потценува. Но нацијата не се само луѓето, туку и нејзините државни институции. Без нивно функционирање сѐ може да се урне како кула од карти преку ноќ. Кој после ќе има време, нерви и трпение да ги слуша меѓусебните обвинувања за тоа кој бил виновен за пропаста. Тие ќе бидат отфрлени како неодговорни луѓе.

Некои политичари велат дека Комисијата за заразни болести треба да одлучи дали ќе има избори. Тоа е недговорно префрлање на вината на други. Комисијата направи Херкуловска работа да се справи, барем досега, со епидемијата, па може да звучи и лицемерно нејзе да ѝ биде натоварен воденичкиот камен доколку системот крахира без вонредна состојба, без Собрание, без ефективна влада. Политичарите во одреден момент треба да ја преземат одговорноста врз свои плеќи, а не да се кријат во сенката на професионалците, кои не се задолжени за функционирањето на системот.

Годинава, пред корона кризата да ја зафати Европа, имаше избори во Ирска. Тие беа предвремени, затоа што владата наеднаш го загуби мнозинството во парламентот. Изборите беа објавени на 14 јануари, а на гласање се отиде на 8 февруари. Секако дека функционалноста на ирскиот систем е многу поголема од нашиот, но ниедна политичка партија таму немаше поплаки за брзото излегување на гласање. Едноставно – задачата е доделена со распуштањето на парламентот и изборите мора да се организираат. Уште помалку некој лееше некакви солзи дека времето (25 дена) е прекусо да се напишат мамутски изборни програми, како што овде некој сака да плаче ваму или таму. Во Британија за изборите во декември конзервативците излегоа со едноставен слоган „Get Brexit Done“ (Да се заврши „Брегзит“) и малата изборна програма беше само дополнување на оваа порака. Лабуристите излегоа на изборите со голем манифест, во кој имаше многу добри работи, но немаше вистинска порака. Гласачите не беа импресионирани од објаснувањата стокмени во книга слична на „Големите очекувања“ на Чарлс Дикенс, туку се определија за едноставната порака и чистиот политички наратив – и конзервативците однесоа голема победа.

Зошто овдешните партии сакаат да конципираат мамутски програми со точки и рокови не е докрај објасниво – можеби за да имаат наратив кој постојано ќе го повторуваат (што сѐ е остварено), а многу веројатно и дека внатрепартиската историја ги наведува на таква методологија, која не сакаат или не знаат да ја напуштат.

Карантинот веќе го нема

Доколку денес прошетате низ Скопје ќе видите дека градот речиси целосно излегол од карантинот. Отворени молови, сите други продавници, автомеханичарски дуќани, фризерници… и да не набројуваме (само училиштата и рестораните се уште затворени, градинките ќе ги примат децата наскоро), сообраќајот полека почна да се враќа како во старите времиња. Сѐ изгледа како нормално. Затоа велиме дека политичарите се во некаков вид психоделичен вител – конечно треба да донесат одлука кога да се оди на избори. Хрватскиот премиер вчера изјави дека владата и парламентарното мнозинство донеле одлука парламентот да се распушти в понеделник и на избори да се оди во една од неделите од 21 јуни до 12 јули. Хрватска ги поместува изборите за два месеци понапред (регуларно требаше да бидат во септември) за да го искористи вирусниот џеб во текот на летото. Србија ќе гласа на 21 јуни. Некој ќе рече дека ние треба да ја гледаме нашата ситуација. Политичарите таму ги послушаа препораките на здравствените професионалци, но одлуката за изборите мораше да ја донесат тие, а не да се кријат зад лекарите, како што сака да се подметнува овде.

Ханс Клуге, директорот за европскиот регион на СЗО, за лондонски „Телеграф“ изјави дека европските земји може да се соочат со смртоносен втор бран на коронавирусот наесен и следната зима и дека сега е „време за подготовки, а не за славење“. Тој вели дека земјите мора да го искористат овој период да ги зголемат капацитетите во болниците и да го засилат јавното здравство. „Тоа е она што го прават скандинавските земји – тие не го исклучуваат вториот бран, но се надеваат дека ќе го локализираат и ќе можат да реагираат брзо“.

Кој би знаел дали вистински ги читаат сите вакви предупредувања нашите партиски лидери, или повеќе мислат на рејтинзите. Во сите земји има парламенти и ефективни влади, само Македонија ги нема веќе три месеци, а може да ги нема ако продолжат натегањата уште три или четири. Драгоцено време ќе биде испуштено, кое подоцна ќе биде многу тешко да се надокнади. Ќе сака ли тогаш некој да преземе дел од одговорноста за пропуштеното? Или и тогаш ќе се обидуваат сегашниве трансцедентални приказни да ги продаваат како сахарин.

Наместо Оливер Дерковски да објаснува колку чинело едно пенкало за гласање, дека набавката на маските и нараквиците ќе чинеле многу и дека никој од Владата не ги прашал дали им се потребни дополнителни средства треба да напише едно писмо до Владатa во името на целиот состав на ДИК (во кое нема да мислат на нивната партиска припадност) и да наведе што сѐ им треба да ги спроведат изборите (и кои законски одредби да се променат), а не само да објаснува за 50-те дена. Деновите ќе дојдат, но за нив требаше уште од некни да се подготвуваат тој и неговите колеги.

Додека чека што ќе договорат политичките лидери, Дерковски може да прочита како во Јужна Кореја се организираа избори за време на пандемија и како на нив излезноста беше 66,2 отсто, најголема од 1992 година. Може нема да му се допадне дека владејачката партија триумфираше на изборите поради справувањето со епидемијата со Ковид-19, но тој треба да биде над таа ситуација.

Ако има малку повеќе време, Дерковски може да го прочита и извештајот на дописникот на американскиот магазин „Вокс“ од Јужна Кореја, Катерина Ким, како го опиша изборниот ден и начинот на кој гласала.

„Влегувањето на гласачкото место беше обемен процес. Моето избирачко место во Пангјо, Сеонгнам, беше центар на заедницата во рамките на мојот станбен комплекс. Имаше ред надвор од вратата кога пристигнав во 10 часот наутро, а тоа е време кога гласачите обично одат на гласање.

Официјалните лица веќе ги беа обележале подовите пред време со налепници распоредени на еден метар за да осигураат дека гласачите се безбедно оддалечени додека стојат во редот. Повеќето луѓе се придржуваа кон налепниците, и кога неколкумина нестрпливо беа заинтересирани за луѓето пред нив, главниот претпоставен на гласачкото место веднаш ги поместуваше назад.

Единствено време кога ја симнав маската беше кога еден службеник го спореди моето лице со мојата лична карта, што е потребно на изборите во Јужна Кореја, а целиот процес траеше само околу 10 секунди. Кога дојдов на ред, влегов во една од четирите гласачки кабини.

Откако го спуштив моето гласачко ливче ме однесоа до голема розова торба за отпадоци, каде се фрлаа искористените нараквици. И покрај долгите редови и многуте чекори за дезинфекција, јас бев во и надвор од зградата за помалку од 10 минути“, напиша Ким за гласањето во Јужна Кореја.

Оливер Дерковски и неговите колеги во ДИК треба уште денес да објават дека може да го организираат изборниот процес за најкусо можно време (со неопходните законски измени), затоа што ова не се нормални времиња, не да се размавтуваат со оправдувања. Затоа што кога граѓанството ги гледа нивните објаснувања и оправдувања и ќе ги спореди со 24-часовната херојска пожртвуваност на лекарите и медицинските сестри тие може да бидат перцепирани како несовесни функционери кои не сакаат да си ја завршат работата. Макар и да не се тоа.

(Линк до колумната овде)