Во потрага по премиер

Владините партнери се во многу поконфорна ситуација од Заев. Сите тие имаа успех на локалните избори, само СДСМ загуби. Заев треба да мисли и на разнишаните редови на својата партија


Кого треба да го слуша Зоран Заев – владините партнери или својот збор? Тоа се претвора во клучното прашање од ноќта на изборите кога Заев изјави дека поднесува оставка и на местото премиер и на позицијата претседател на СДСМ. Расправите околу тоа дали тој требаше да го поврзе останувањето на премиерската функција со победата на Петре Шилегов во Скопје се легитимни и нормални, но тоа веќе е завршена работа. Сега за Заев, и особено за СДСМ, колку тоа да изгледа грубо, останувањето на зборовите за поднесувањето на оставка може да имаат далекусежни последици – за него лично и за партијата.

Владините партнери вчера јасно кажаа дека се за зачувување на мнозинската коалиција (сите заедно во неа на локалните избори добија повеќе гласови отколку опозициските партии). Но има забележливи нијанси во објаснувањето на ова заедништво во владата. Али Ахмети имал тензичен разговор со Заев ноќта кога ја поднесе оставката и му рекол дека таа е „избрзана и неоснована“. Неговата десна рака во ДУИ, Артан Груби, ги повтори вчера зборовите на Ахмети, нагласувајќи дека Заев треба да продолжи да ја води Владата. Маја Морачанин од коалицијата за локалните избори меѓу ДОМ и ЛДП, кажа дека тие нема да инсистираат да ја повлече оставката и дека очекуваат „на средбата да стане збор за визиите на новата влада, која ќе биде идејата за неа“. Исказите на другите партнери беа во сличен стил – дека премиерот треба сам да одлучи што ќе прави со оставката.

Владините партнери се во многу поконфорна ситуација од Заев. Сите тие имаа успех на локалните избори: ДУИ е целосен победник во албанскиот блок – освои речиси двојно повеќе гласови на советничките листи од главниот конкурент Алијанса за Албанците/Алтернатива; Беса забележа голем триумф во Тетово и заедно со победата во Желино има ист број градоначалници како АА/А – двајца. ДОМ и ЛДП се задоволни од бројот на гласовите на советничките листи; а ДПА пак победи во нејзиниот бастион Студеничани.

Во таква ситуација Заев е исправен пред негогвата клучна дилема во последниве години – дали со останувањето на зборот дека поднесува оставка ќе може да ги стабилизира разнишаните редови во СДСМ или имањето повеќе слух за барањата на владините партнери може уште повеќе да го сврти одиумот на гласачите спрема неговата партија. Доколку остане на премиерското место може ќе се смири атмосферата во владината коалиција, но на опозицијата ќе ѝ даде небројана муниција да го напаѓа дека не може да му се верува на зборот – ниту на неговиот, ниту на СДСМ. Во такви околности, ревитализацијата на партијата до следните избори (кога и да се случат тие) ќе биде херкуловски тешка работа. А во некои сегменти дури и невозможна.

Иако јавно па дури и кулоарски нема многу информации, изгледа дека сега повеќе се работи на потрагата кој би можел да биде новиот премиер по Заев, кој ќе биде прифатлив за партнерите во Владата, ќе има јасна прореформска визија, ќе биде приемчливо лице за јавноста и ќе има организациски способности. Некои зборуваат дека таквото лице треба да се бара меѓу првите тројца луѓе веднаш зад Заев во СДСМ. Некои велат дека генералниот секретар на партијата како шеф на изборниот штаб доживеал делигитимација на изборите. Други споменуваат дека одмерениот Фатмир Битиќи би бил најкорисното решение за нов премиер. Трети ја споменуваат Радмила Шекеринска како најискусна во политиката која има моќ да им ја врати вербата на левичарските ешалони.

Иако тоа би требало да изгледа како внатрешна работа на СДСМ, сепак не е. Кога неодамна австрискиот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка поради корупциската афера тој го предложи за негов наследник министерот за надворешни работи Александар Шаленберг, што предизвика олеснување кај помалиот коалициски партнер – Зелените. Тие го поздравија овој избор како речиси идеална варијанта за останување на коалицијата, без оглед што Шаленберг рече дека тесно ќе соработува со Курц, кој и натаму е на чело на партијата. Од именувањето, Шаленберг во анкетите стана најпопуларен конзервативен политичар запирајќи го падот на неговата Народна партија по уништувачката корупциска афера со местените анкети.

Во Шведска, социјалдемократот Стефан Левен, европскиот мајстор за извлекување максимум во речиси невозможни политички ситуации, неочекувано во август објави дека се повлекува од премиерската функција. И тоа откако преходно во летото успеа да реши уште една речиси нерешлива владина криза со помалите партнери. Социјалдемократите се два мандати по ред на власт во Шведска. Следните избори се во септември идната година, па овој ризичен потег на Левен е пресметан за да ја освежи не само владата туку и партијата пред изборната пресметка. Во септември изборните комитети низ Шведска едногласно ја избраа Магдалена Андерсон, сегашната министерка за финасии, за единствен кандидат на конгресот на почетокот на овој месец кога ќе се избира наследник на Левен и во партијата и во владата. Андерсон управува со државниот буџет од 2014 година и изгради репутација на компетентен оператор. Андерсон ќе има доволно време до септември 2022 да ја подгови партијата за изборите.

Овие примери може да се важни, но и да не се важни. Секоја држава и секоја партија има своја специфика, особено во слабо развиените демократии. Клучот за следните чекори на Заев се чини дека не е во долапчето што ќе мислат владините партнери за неговата оставка, туку дали со изборот на неговиот вистински наследник ќе може СДСМ да го реинвентира своето владеење. Каков би бил резултатот за СДСМ ако од останувањето на Зоран Заев на чело на владата сите имаат корист од тоа, само СДСМ штета.

Во овие инсистирања од ДУИ за тој никако да не ја даде и писмено оставката веројатно лежат и други интереси. Оваа влада формирана по ланските избори многу често покажува нефункционалност и пукање по рабовите. Партиските интереси често доминираат над заедничките интереси на коалициските партии. Земете ја само како пример предизборната најава од министерот за информатичко општество од ДУИ – дека ќе се предложи закон со кој службениците во петок ќе работат само четири часа. Тоа било предизборно ветување на ДУИ. Можеби, но главната штета ја претрпе Заев и СДСМ, затоа што поголемиот дел од јавноста не можеше да најде друг збор за овој предлог освен „дрскост“.

Со нов премиер ќе треба повторно да се мешаат картите во владата – Беса е осоколена по големиот успех на локалните избори, ЛДП и ДОМ стекнаа некоја друга самодоверба, ДУИ не би сакал да ги напушти веќе освоените ловишта.

Со два збора – комплицирана ситуација. Но и од такви ситуации има излези. Само треба да се видат.