Во поплавите во Пакистан загинаа најмалку 72 луѓе


 Во десетдневните монсунски дождови, кои предизвикаа поплави во Пакистан загинаа најмалку 72 луѓе, а над 130 се повредени, соопшти пакистанската Национална служба за справување со катастрофи и локалните власти.

Од 26 јуни во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва, источниот дел на Пенџаб, јужен Синд и југозападен Белуџистан пријавени се смртни случаи.

Националната служба за управување со катастрофи апелира до локалните власти да останат внимателни, а на туристите им советуваше да ги избегнуваат поплавените области, бидејќи понатамошните дождови би можеле да ги блокираат автопатиштата и да предизвикаат поплави.

Службите за итни случаи се во состојба на зголемена готовност од минатиот месец, откако 17 туристи од исто семејство беа однесени од реката Сват во северозападен Пакистан. Четворица беа спасени, додека телата на преостанатите 13 подоцна беа пронајдени.

Пакистанските власти предупредија дека не можат да ја исклучат можноста за повторување на катастрофалните поплави од 2022 година, кога дождовите во еден момент поплавија една третина од земјата, при што загинаа 1.737 луѓе.