Во новата УБК се примале послушните место способните?


Собраниската Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност утре ќе ја има првата седница на која ќе расправа за првите четири недели од постоењето на новоформираното разузнавачко тело. Агенцијата, иако функционира од први септември, сè уште се нема доекипирано. Бројот на вработени таму се чува како државна тајна, но се шпекулира дека во објектот кај поранешната „Македонија табак“ место добиле околу 300 припадници на сега непостоечката Управа за безбедност и контраразузнавање.

Тие успеале да ја поминат безбедносната контрола и да го добијат потребниот сертификат, задоволувајќи ги високите критериуми што се заострени пред извесниот влез на земјава во НАТО. Но другата половина од кадрите на бившата УБК не добија зелено светло. За нив, согласно договорот во парламентот и изгласаниот закон, ќе се најде место во некој од другите сектори на Министерството за внатрешни работи. Управата за безбедност и контраразузнавање беше дел од МВР, додека новото тело е самостоен орган.

Информациите што ги добивме однатре говорат оти постои незадоволство и изненаденост од резултатите од тестирањето. Наводно, безбедносниот сертификат не го добиле долгогодишни вработени во УБК кои, како што се тврди, во своето работење немале ниту една дамка. Напротив, добивале пофалници и не биле вмешани ниту во скандалот со прислушувањето што ја потресе земјава пред неколку години.

„И сега нив ги префрлија во Бирото за јавна безбедност, а во новата Агенција има место и тоа на раководни функции за тие што беа дел од старата структура“, тврди извор од АНБ.

Директорот Виктор Димовски кусо ни рече дека денеска ќе одговори на прозивките.

Весникот „Коха“ објави дека е можен бунт и оставки меѓу примените кадри од албанска националност. Повикувајќи се на анонимни извори, весникот тврди дека се елиминираат професионални кадри од албанска националност со речиси дводецениско искуство во УБК, и тоа со образложенија кои не ги предвидува законот, а се примаат лица кои наводно не ги исполнуваат ни законските критериуми. Поради тоа, примените Албанци искажале солидарност со одбиените сонародници.

Сепак, според информациите од Агенцијата, над 16 отсто од примените се Албанци, што е повеќе споредбено со УБК, каде што работеле 12 проценти македонски државјани со албанско потекло.

Од друга страна, во групата на новите вработени во АНБ имало и луѓе кои беа уапсени под сомнение дека биле поврзани со аферата „Шпион“. Примени се поранешни вработени во УБК кои раководеа со случајот „Сопот“, кој заврши со исплата на отштета на неправедно осудените. Во Прилеп, наводно, бил вработен разузнавач со пет кривични пријави.

Со формирањето на новата агенција, УБК замина во историјата. АНБ нема надлежност да прислушува, туку тоа е задача на новоформираната ОТА. Вработените во новата УБК само ќе прибираат информации, но нема да имаат полициски овластувања – да истражуваат и да легитимираат. Најголем дел од познатите истраги изведени помеѓу 2010 и 2015 година, всушност, ги водеа припадници на УБК, а не на јавната полиција, па затоа сега им се одзема таа можност.

Владата разгледуваше три модели за реформа на УБК – останување на постојниот модел, одвојување на УБК од МВР и спојување на УБК и Агенцијата за разузнавање, но на крај го избра вториот. Се проценува дека на дневна основа се споделуваат од 800 до 1.200 класифицирани информации. (Г.А.)