ДУИ обвинува дека компанија блиска до Изет Меџити добива јавни тендери


Фото: Б. Грданоски

 

Опозициската ДУИ вели дека има сериозни сомнежи околу начинот на кој компанија основана дури во јули 2024 година успеала да обезбеди јавни договори во вредност од над 3,4 милиони евра од Општина Чаир.

Партијата вели дека според објавените документи, станува збор за четири крупни тендери добиени од компанијата „Нум констракшн“, од кои два за време на мандатот на Висар Ганиу и два во периодот кога со општината раководи Изет Меџити.

„Она што дополнително го прави случајот загрижувачки е фактот што Аднан Синани, кој во јавноста важи за човек од најблискиот круг на Изет Меџити, е директно поврзан со адресата од која работи оваа компанија. Токму затоа, граѓаните имаат право да бараат целосна транспарентност и јасни одговори.

Како е можно новоформирана компанија за толку краток период да добие јавни договори вредни над 3,4 милиони евра?

Дали Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство и другите надлежни институции ќе отворат постапка за да ги испитаат сите околности поврзани со овој случај?

Мора да се отстрани секој сомнеж за фаворизирање на лица блиски до власта“, велат од ДУИ.