Пријавувајте мртви птици – гавраните се резервоар на западнонилскиот вирус


Фото: Б. Грданоски

Доколку забележите мртва дива птица, особено гавран, или друга птица, пријавете во Агенцијата за храна и ветеринарство, апелира денеска министерот за здравство Сашо Клековски, кој вели дека тие се резервоари на западнонилскиот вирус. Досега била пријавена мртва птица во Гостивар, но кај неа не бил изолиран вирусот.
 

„Најчести резервоари на западнонилска треска се гавраните. Имаме апел за пасивно пријавување, односно сите граѓани кои ќе најдат мртва дива птица, гавран или која било друга птица, да ја пријават во Агенцијата за храна. Мора да бараме кои се можните резервоари на болеста и во однос на тоа се согласивме на вонредна контрола на живина во загрозените подрачја. Посебен таргет е живината која е во близина на каналите за наводнување“, рече Клековски.

Тој рече дека досега има една пријава од Гостивар, но кај птицата не е идентификуван вирусот на западнонилска треска. Според него, утврдувањето на можните резервоари е особено важно за контролата на ширењето на болеста.

Клековски потсети дека во последното случување на западнонилска треска во 2019 година од контролирани девет кокошки била најдена една заразена кокошка, во едно од подрачјата кое сега повторно е едно од загрозените.

Покрај контролата на живината, се засилува и контролата на присуството на комарци, што ќе биде земено во предвид за натамошното прскање, но и мерки кои ќе се преземаат.

Граѓаните деновиве апелираа да се пуштат сите фонтани во главниот град, за да има каде птиците да пијат вода, затоа што забележале купчиња мртви птици по парковите, покрај к еј, но и во другите населби, сметајќи дека жешкото време и немањето начин да се напијат вода им пресудиле.