СДСМ предлага воведување на државни награди „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“


Бисера Костадиновска-Стојчевска

 

Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата го поднесе законот за изменување и дополнување на Законот за државни награди, со којшто се предвидува воведување на две нови државни награди: Државна награда „Блаже Конески“ и Државна награда „Ремзи Несими“. 

Предлогот за државните награди го образложи пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Советот за македонски јазик, со иницијатива доставена до Владата во 2019 година, предложи да се воспостави нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјата и во странство, за која се предлага да го носи името ‘Блаже Конески’, кој е основач на современата македонска наука за јазикот, лингвист, литературен и културен историчар, поет, прозаист и преведувач. 

Значењето на Блаже Конески е непроценливо и сестрано: тој е прв претседател на Друштвото на писатели на Република Македонија, претседател на Друштвото на писатели на Југославија, член на првата генерација академици и прв претседател на МАНУ во два мандата.

Исто така, со иницијатива на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, се предлага да се воспостави нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и албанологијата во земјава, за која се предлага да го носи името ‘Ремзи Несими’, кој е лингвист, просветен работник и учесник на Конгресот за правопис на албанскиот јазик во 1972 година.

Тој е единствен делегат од Македонија кој на Конгресот за правопис на албанскиот јазик, одржан во периодот од 20 до 25 ноември 1972 година, учествувал со научна тема и е потписник на Резолуцијата за албанскиот правопис. Почитуван од сите албанолози во земјава и во светот, сè до неговата смрт беше референца за секое прашање поврзано со албанскиот стандарден јазик“, рече Костадиновска-Стојчевска.