Мисајловски најави дека вработените во одбраната ќе бидат соодветно вреднувани


По повод 18 Август – Денот на Армијата, денеска пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот се одржа свечен собир на припадниците на Армијата и вработените во одбраната, на кој се обратија министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Во пресрет на Денот на Армијата, Мисајловски им се заблагодари на сите вработени за нивниот труд, посветеност и професионалност, нагласувајќи дека токму тие се столбот на одбранбениот систем, објави 4news.mk

„Вашиот труд, вашата посветеност и професионалност која ја покажувате секојдневно ни овозможува да бидеме една од најорганизираните институции во државата. За сите нас, за Македонија, успехот ќе ни биде загарантиран само ако продолжиме посветено да работиме, да продолжиме да функционираме како едно големо семејство кое го обединува заедничка цел – Македонија да продолжи да се развива и да изградиме подобра држава за следните поколенија“, порача Мисајловски.

Министерот истакна дека припадниците на Армијата и вработените во одбраната и натаму ќе бидат соодветно вреднувани, најавувајќи работа на подобрување на нивниот стандард.

„Кон секој предизвик пристапувавме од исто стојалиште и иста перспектива – се поддржувавме во секој момент и за доброто на секој војник, подофицер, офицер и вработен во одбраната. Носиме одлуки кои ќе нè направат посилни и токму затоа сакам да нагласам дека работиме и на повисоки плати и подобри услови за работа“, рече Мисајловски.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање истакна дека 18 Август е ден кога се одбележува воената професија, која, како што рече, се темели на чест, дисциплина, одговорност, лојалност, професионализам и патриотизам.

Тој оцени дека изминатата година била одбележана со значајни резултати и претставува потврда дека Армијата продолжува да ги развива своите способности и да ги исполнува највисоките национални и НАТО стандарди.

„Зад секој од овие резултати стои многу работа, соработка, координација, планирање, реализација и извршување“, истакна Лафчиски.

Во рамки на свеченоста, делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот, предводена од министерот Мисајловски, заедно со семејствата на загинатите бранители, положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред зградата на Министерството, во знак на почит кон нивната храброст и пожртвуваност.

Претходно, на градските гробишта во Бутел, владина делегација предводена од министерот положи венци на партизанските гробишта, како и на вечните почивалишта на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров и на генералот Михаило Апостолски.

На свечениот собир присуствуваа и заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, како и вработени во Министерството, Генералштабот и други гости.

Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се одржи утре, 18 август, во Центарот за обука на вода „Биљанини Извори“ во Охрид.