Еден од уапсените на Пелистер за криволовство има врска со ловечко здружение од Битола, потврди СВР Битола


БИТОЛА – Еден од тројцата вооружени лица фатени во криволовство во строго заштитена зона на НП „Пелистер“ Битола се поврзува со ловечко здружение од Битола, потврди СВР Битола, без да откирие за кое ловечко здружение станува збор.

На 13 август, во 3 часот рано утрото на место викано „Голема грива“ во Национален парк „Пелистер“, полициски службеници од Полициското одделение Велушина и од криминалистичката полиција при СВР Битола ги лишија од слобода Н.С.(33) од Битола, Р.Ј.(53) од с.Кишава, битолско и Б.Г.(48) од Битола. Тие беа затекнати со огнено оружје во строго заштитена зона, при што се лишени од слобода, одземено им е оружјето.

Според информација од СВР Битола на прашање на „Независен“, сѐ уште се преземаат мерки и дејствија, одземени се вкупно 11 парчиња оружје, а едно лице има врска со ловечко здружение од Битола.

„По целосно документирање на настанот ќе следува соодветна кривична пријава“, изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола за „Независен“.

Националниот парк „Пелистер“ детално ја опиша акцијата за фаќање на вооружените лица во строго заштитената зона на НП „Пелистер“

„На 12.08.2026(среда) некаде после 19:00 часот, после прибрани информации од различни извори од терен, од страна на ренџерската служба на ЈУНП ‘Пелистер’ предводена од директорот Иванчо Тошевски во соработка со СВР Битола беше започната акција за пронаоѓање на вооружени лица со огнено оружје кои навлегле длабоко во територијата на НП ‘Пелистер’. Во потргата беа вклучени две патроли на НП ‘Пелистер’ потпомогнати со полициски службеници од СВР Битола. Двете патроли се движеа по тешко достапен терен (2000+мнв) во текот на ноќта, независно една од друга и имаа за цел да пристапат од различни страни т.е. од правец на с.Велушина и од правец на Инфоцентар до локација на која се наоѓаа вооружените лица согласно добиените информации. Некаде после 23:30 часот и повеќе од три часа пешачење, вооружените лица беа лоцирани во близина на локација ‘Голема грива’ во зона на строга заштита“, соопштија од НП „Пелистер“ Битола.

Од моментот на лоцирањето на вооружените лица со сите понатамошни активности раководеле полициски службеници. Акцијата била завршена во раните утрински часови со спроведувањето на лицата до полициска станица.

Од НП „Пелистер“ укажаа на проблемот со кој се соочуваат, а тоа е несоодветна инфраструктура во националниот парк, на што треба да се работи во иднина.

„Теренот на кој се одвиваше потрагата е тешко достапен и тежок за контрола на ренџерската служба поради немање на соодветна инфраструктура за редовни патролни активности. Шумските патишта кои според сите стратешки документи на НП ‘Пелистер’ требало да бидат клучни артерии за заштита на природата (противпожарна заштита и контрола на ренџерска служба) за жал биле оставени полека да пропаѓаат. Истите патишта се високо на агендата на активности на НП ‘Пелистер’ и веќе се работи на нивно опоравување. Токму во тој дел на НП ‘Пелистер’ каде е најголемата површина на строга заштита за жал од поединци сѐ уште има обиди за незаконити активности, но во соработка со СВР Битола истите навремено ги спречуваме во нивните намери“, стои во инфорамцијата од НП „Пелистер“ Битола.