Во Македонија ја снемува довербата кон ЕУ. Дали тоа на Унијата ѝ значи нешто?


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Случајот со вакцините и датумот за почнувањето на преговорите со Македонија го покажа малиот интерес на ЕУ за регионот. Нивото на заинтересираноста на ЕУ за шесте земји од Западен Балкан е паднато на најниско ниво во последниве години. Затоа и претседателството на Германија доживеа целосен неуспех на прашањето на проширувањето

 

Еден состанок на министрите – ништо. Па, друг состанок на министрите – пак ништо. Па еден самит на лидерите, ништо. Друг самит – француска блокада. Трет самит – не се ни стигна да биде ставена на маса бугарската блокада. Тоа го завршија амбасадорите пред прашањето да дојде на маса кај лидерите. Нивото на блокадите се спушта сѐ подолу и подолу на скалата на која шесте „несреќници“ од Западен Балкан се отфрлаат на нивниот европски пат.

Случајот со вакцините е само последниот пример – прво треба да се обезбедат и поделат за семејството од 27 члена, а потоа по неколку месеци ќе може да се подели остатокот кон сиромашните братучеди. Излезе токму онака како што предупредуваа многумина во светот пред пет-шест месеци: дека првиот пристап кон вакцината ќе го имаат најбогатите и оние што се врзани во некаков блок (како ЕУ), а сиромашните ќе треба да се справуваат со пандемијата барем уште половина година кога преку СЗО ќе стигне распределбата на дозите преку системот Ковакс. Не требаше да се биде многу ингениозен за да се предвиди дека ќе се случува токму тоа. Бидејќи образецот веќе беше поставен лани пролетта кога во време на првиот страв од короната Македонија и нејзините соседи од шесторката беа изземени од итната економска помош на ЕУ за справување со последиците, за потоа Брисел и моќните престолнини некако да ја амортизираат оваа исклучителна неправедност.

Кога блокот очигледно те остава да се снаоѓаш сам околу вакцините тоа и треба да го направиш. Во македонската јавност со голема нелагодност беше примена веста дека Србија сама обезбедила нешто помалку од 5.000 вакцини на „Фајзер“, што е капка во море за седуммилионското население, но изгледа како психолошки поттик дека секоја земја мора сама да се снаоѓа кога не е во ЕУ. Српските власти одбија да кажат како ги набавиле тие вакцини (дали ја искористиле предноста што канцеларијата на „Фајзер“ за регионот е во Белград или пак преку некои други канали, не е сосема важно).

Албанскиот премиер Еди Рама објави дека на почетокот на декември бил во Америка и таму разговарал со генералниот директор на „Фајзер“ неговата земја да се најде во плановите на американскиот производител што е можно поскоро. Рама вели дека одредена доза ќе стигне во јануари и ќе почне вакцинацијата на здравствените работници и ранливите групи од населението. Притоа Рама го кажа точно она што го мислат луѓето од регионов: „Морално, политички и логички е неприфатлива диференцијација што ЕУ ја направи на Балканот“ и ја осуди „несреќната одлука“ на блокот да достави таканаречени „вишок вакцини“ во Западен Балкан.

И за Албанија и за Македонија има ветување од „пријателски земји“ дека ќе ослободат дел од контингентот што им припаѓа за луѓето од нивното соседство, кои не се дел од ЕУ. Македонија има такви ветувања од Грција, Бугарија и Австрија. А веројатно и од Полска. Но тоа се дози како со лажиче. Грција веќе доби околу сто илјади вакцини во првите контингенти, што се доволни за 50.000 лица од нејзиното речиси 11-милионско население. Австрија соопшти дека 5 отсто од нејзините 24 милиони дози ќе ги ослободи за шесте земји од Западен Балкан. Тоа значи дека 1,2 милиони дози ќе распредели за 18-те милиони жители во шесте земји од регионот, се разбира според нивното поединечно население. Колку би можела да добие Македонија – 100.000? Тоа не е малку, но кога ќе стигнат тие? Во март, април, јуни? Министерот за здравство, Венко Филипче, објави дека државата направила прелиминарен договор со „Фајзер“ првите вакцини во земјава да стигнат во февруари, но тоа ќе биде речиси два месеци по испораката во Европската унија.

По бугарската блокада и целосната неизвесност кога таа би можела да биде крената, можеби вицепремиерот за европски интеграции, Никола Димитров, треба да ја пренасочи својата работа во наредните месеци во потрага по вакцини од неколкуте производители за да не ја чекаме милостината од нашите „пријатели“ од ЕУ. На прв поглед, тоа може да изгледа нелогично, но не е така. Доколку Македонија остане во наредните шест-седум месеци како невакциниран остров, европските граници може да останат затворени за македонските граѓани и нашата интеграција и слободниот проток на луѓето во Европа да бидат запрени пред други бариери, а не само од бугарските ирационални барања.

На 1 јануари во 6 часот утрината српскиот претседател Александар Вучиќ го отвори делот од гасоводот „Турски поток“ што поминува низ неговата земја од Заечар до Хоргош на унгарската граница и кој со руски гас ќе ја снабдува Турција и Централна Европа. „Да живее пријателството меѓу Србија и Русија“, изјави Вучиќ на церемонијата. Во јули минатата година американскиот државен секретар, Мајк Помпео, го оквалификува „Турски поток“ како „алатка на Кремљ да ја прошири енергетската зависност на Европа од руските ресурси“.

Иако „Турски поток“ поминува низ бугарска територија премиерот Бојко Борисов избегна да дојде на оваа гранична церемонија, туку реши да отиде на местото каде што се гради грчко-бугарската интерконекција од Транс-атлантскиот гасовод ТАП што ќе го донесе азербејџанскиот гас во Европа.

Европската унија ги премолчи овие два настани, особено оној во Србија, кој е под директна патронажа на Москва. А што би кажала? Србија да се откаже од гасоводот кога во исто време ЕУ не сака да отвори нови поглавја во преговорите со Белград? И во исто време не се ни труди премногу да биде поостра во квалификациите за човековите права во Србија и огромниот притисок врз слободата на изразување и особено слободата на медиумите. На одреден начин, ЕУ како да го толерира ова назадување на Србија во демократските процеси за да може да има оправдување за блокирањето на напредокот на државата кон Европа. И така да бидат задоволни и властите во Белград никој посебно да не им се меша, и земјите во ЕУ што се скептични за нови проширувања на Унијата.

Ангела Меркел не успеа да го убеди нејзиниот партиски побратим од Европската народна партија да ја тргне блокадата за Македонија. Големо прашање е дали таа ја искористи сета моќ што ја има да го убеди Борисов (Фото: ЕПА)

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, неколку пати по ред изјавува дека е „разочаран“ што немаше напредок во ЕУ околу интеграцијата на Западен Балкан. Тој вели дека „нашиот кредибилитет може да биде доведен во прашање“ и дека „сами си пукаме во колено“ затоа што некои други сили, како Русија, Кина или Турција, би можеле да го пополнат вакуумот. Михаел Рот почнува да греши – кредибилтетот на ЕУ е веќе поткопан, а не „може да биде доведен во прашање“. Во тоа поткопување своја улога одигра и неговата земја, затоа што токму германското претседателство со ЕУ ја поднесе онаа нелогична, па дури и навредлива реченица во заклучоците на Унијата за проширувањето кон Западен Балкан, во која на инсистирање на Бугарија се споменуваше и „фалсификувањето на историјата“. За потоа, Чешка и Словачка во последен момент да го блокираат усвојувањето на ваквите нелогични и непринципиелни заклучоци. Германското претседателство успеа да го истурка компромисот за усвојувањето на буџетот и да најде рамка која ќе ги задоволи главните блокатори, Унгарија и Полска; успеа да го договори заедничкиот проект за вакцинацијата во земјите на ЕУ; но неоправдано долго тактизираше со санкциите спрема Белорусија и предложи помек тон во осудата на Турција.

Но главното потфрлање на Берлин беше околу проширувањето. Таму доживеа целосен неуспех. Или како што тоа бриселски „Политико“ го објасни во две реченици во неговата оценка за претседателството на Германија:

„Многу фрустрирачки за официјалните претставници на ЕУ беше неуспехот на Берлин да ја постигне клучната цел на претседателството да започне разговори за пристапување кон ЕУ со Северна Македонија. Меркел се залагаше да започнат преговори за проширување за време на германското претседателство, но беше разочарана од нејзиниот колега десноцентристички лидер, бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој го наметна своето вето заради спорот околу историјата и јазикот“.

Не треба многу да барате по архивите и да се напрегате во вашите сеќавања за да си приспомните какви беа реакциите во Европа по ветото на Емануел Макрон за Македонија во октомври 2019 година кога тој побара усвојување на нова методологија за да се оди кон проширување. Тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека ветото на францускиот лидер е „историска грешка“, а претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, зборуваше дека се чувствува „засрамен“ поради тоа што ЕУ не ги оствари своите ветувања.

Порано ветото за Македонија го стави лично Емануел Макрон и предизвика жестоки реакции од типот „историска грешка“, „засраменост“. Сега блокадата на преговорите со Македонија не ни стигна до лидерите, таа се спушти две нивоа подолу – кај амбасадорите

Во расправата во Европскиот парламент непосредно по француската блокада тогашниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, имаше остро излагање: „Не играјте си со Северна Македонија и Албанија. Импресивни реформи беа постигнати во двете земји, во владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Преспанскиот договор беше извонредно постигнување за надминување на проблемите од минатото, а истото важи за договорот на Северна Македонија и Бугарија. Граѓаните се длабоко разочарани, но не смеат да се откажат од надежта“.

Дури и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој сега е еден од главните заговорници за блокадата на Македонија ако не се согласи на бугарските барања, ја осуди одлуката на Европскиот совет. „Тоа испраќа ужасен геополитички сигнал кој е спротивен на интересите на ЕУ. Не можеме да чекаме до самитот во Загреб, мораме да реагираме веднаш“, рече Ковачев.

Оттогаш речиси ништо не се промени, освен што беше усвоена одлуката да има преговори со Македонија и Албанија, а сепак одредувањето на нивниот датум изгледа многу далеку. Но ги снема големите и силни изјави на високите европски функционери за „засраменост“, „историска грешка“; новиот еврокомесар за проширување, Оливер Вархеи, зборуваше дека Македонија треба да има повеќе разбирање за бугарските загрижености. Хан зборуваше дека „граѓаните се длабоко разочарани“ – сега го нема ниту тоа. Како ЕУ да ја остави настрана својата мисија за проширување за некое неодредено време и како да не се секира многу за разочараноста во регионот и за загубената доверба во ЕУ. Спорадичните изјави, како онаа на Михаел Рот, воопшто не ја менуваат сликата.

Сега се споменува заедничката работа на тројката од претседателствата – Германија, Португалија и Словенија. Прага и Братислава најавија дека заклучоците на ЕУ за проширувањето и датумот за почеток на преговорите со Македонија би требало да се разгледуваат на министерскиот состанок на Советот за општи работи на 26 јануари. Ако нема ништо на тој состанок следниот е на 23 февруари, па потоа следуваат изборите во Бугарија на 28 март… Прашање е дали португалското претседателство ќе вложи енергија и ресурси да го отплетка јазолот кога има други приоритети. Освен ако социјалистичкиот премиер Антонио Кошта, кој е во истата политичка групација со Зоран Заев, не покаже дека нема разбирање за Борисов онака како што тоа го направи Меркел, бидејќи и двајцата припаѓаат на Европската народна партија.

Словенија е во политичка криза затоа што една од партиите излезе од владата на Јанез Јанша, па сега таа функционира како малцински кабинет. И самиот Јанша наведува дека се можни избори за пет-шест месеци. Тоа значи политички турбуленции сред словенечкото претседателство. Од 1 јануари 2022 водството во ЕУ ќе го преземе Фарнција, а токму во мај таа година се претседателските избори на кои Макрон ќе се бори за втор мандат… Низа без крај во можни ограничувачки моменти. Плус короната. Довербата во ЕУ на овие простори дотогаш може да биде падната на половина од ова ниво што е сега. И главното прашање е – дали некој во Брисел ќе се загрижи дека ЕУ свесно ја поткопува најпосветената проевропска влада во регионот.