Во каков свет ќе живееме по крајот на војната во Украина    

На сите им е јасно дека светот нема да биде ист по крајот на руската агресија. Но никој нема вистински одговор како ќе изгледа тој. Доколку Украина не биде поразена Западот ќе го цементира своето влијание


Една година по руската инвазија, војната на Украина продолжува да беснее со невидена жестина и бруталност. За геополитичарите, оваа војна претставува „забрзување на историјата“ и епохална промена на светот кој го познававме по Втората светска војна. Впрочем и Маркс запишал дека „војната е родилка на историјата“, творец на тектонски пореметувања. Затоа за мнозинството аналитичари неколку прашања остануваат отворени и недоволно разјаснети: Каков нов светски поредок ќе создаде овој конфликт? Дали тоа звучи како лебедова песна  на западната хегемонија или, напротив, на нејзиното зајакнување? Какво место ќе можат да заземат силите кои се во подем како Кина, Индија, Бразил..? Дали ќе живееме во светот на Хобс, Хантингтон или Фукујама? Дали новиот поредок ќе биде монополарен, биполарен или мултиполарен? Дали е тоа крај на глобализацијат и почеток на регионална деглобализација?

За да се разбере ширината на  настаните, за да се предвиди иднината на светот во кој живееме, за да се поими визијата за влијание на војната врз меѓународниот поредок неопходен е еден комплексен пристап кој освен западното читање на реалноста ќе треба да ги вклучи стратегиите и толкувањата на релевантните фактори од Кина до Африка преку земјите од Персискиот залив, Латинска Америка, Европа, САД и Русија. Јасно е дека нивните позиции се понекогаш  спротивставени или комплементарни, понекогаш строги или охрабрувачки, но секогаш полезни и значајни за анализата. Од овој  калеидоскоп на можни читања, не е имуно ни македонското јавно мислења каде  секој граѓанин има можноста  да формира сопствено мислење за овој воен синдром. Понекогаш емотивен и погрешен а понекогаш рационален и мудар.

Западот и глобалниот југ

Дали Европа ќе остане обичен ’рт на Азија или или ќе биде како што прокламирал Пол Валери „ мало тело со голема мозочна материја“ . Досегашното однесување на Европа може да се синтетизира низ две толкувања – Европејците покажаа единство и цврстина (санкции, помош за Украина), во тесна координација со САД. ЕУ  конечно ја заигра  незанемарливата „геополитичка“ карта за која долго време срамежливо сонуваше. Другото толкување е што и овој најголем историски тест за ЕУ ги покажа длабоките релјефни линии што ги делат Европјаните. Голем дел од ЕУ смета дека Франција и Германија го изгубиле својот авторитет, поради нивното поранешно слепило кон Русија. Се чини дека САД повторно се главните играчи во европската безбедност. Изгледа дека Европа ќе излезе ослабена од овие тешки искушениа, пред сѐ заради претераните економските трошоци и енергетскиот предизвик што  се наметна.

Кризата покажа дека е неопходно да се анализира однесувањето на државите на тнр. „глобален југ“, односно земјите на Третиот свет кои заради негативните влијанија на глобализацијата станаа најголеми жртви на овој процес. Разбирливо е зошто овие држави немаат доверба и не сакаат да се приврзат кон државите на глобалниот север. Причините на сомнежите на глобалниот југ се манифестираат преку огорченост кон Западот и неговите желби да се наметне таков светски поредок во кој тој сѐ уште ќе доминира. Украинската криза делуваше како генератор за дефинирање на  неутралната позиција на глобалниот југ. Овие држави ја осудија руската агресија, но  се оградија од западните одговори на агресијата. Згора на тоа, според мислењата на тамошните аналитичари, оваа војна се доживува како „војна меѓу Европејците“, која не ги засега. Затоа е разбирливо што во рамките на Генералното собрание на ООН во 2022 од 140 членки, 38 не гласаа, а 4 се спротиставија кон резолуцијата за осудата на агресијата на Русија. Најважната точка, сепак, надвор од недоразбирањата на релација Запад-Југ, лежи во оддалеченоста на овие држави од основните принципи на Повелбата на ООН и неподготвеноста да се осуди Русија.       

Некои држави од овој блок кои беа и иницијатори на Бандуншката конференција на вонблоковските земји во 1955 со која беа удрени темелите на неврзаното движење, како, на пример, Кина, денес играат многу позначајна стратешка и економска улога.. Кинеската дипломатија,не пропушти да ја поддржи, барем политички, Русија, но во оваа фаза избегнува да се изложи на американски санкции со тоа што се воздржува од економски и воено поддршка, на видлив начин, кон Русија. За светските геополитичари, всушност, судирот во Украина е само маска на вистинскиот судир помеѓу демократскиот и авторитарниот свет, односно помеѓу Кина и САД. Уште пред пет години Хенри Кисинџер изјави дека „вистинскиот ривал и опасност за САД е Кина“.

Научените лекции од војната

Војната во Украина се чини дека претставува „момент на афирмација“ за она што може да се нарече „неинхибирани средни сили“ како Турција, Саудиска Арабија или Индија. Тежината што ја стекнаа овие земји им овозможува да ги зголемат своите економски врски со Русија без да предизвикаат репресалии од Западот. Меѓутоа, нудејќи ѝ „балон за кислород“ на руската економија, овие земји придонесоа за слабеење на западната стратегија на изолација и слабеење на Русија. Некои од нив сепак прерасна и се здобија со  капацитет за политичко влијание што е можеби без преседан, што ја зголемува надежта дека можат да послужат како посредници. Индија, која е многу повеќе од средна сила се разбира, особено се појавува како клучен играч чиј раст во моментов е неспорно зајакнат.

Какви лекции  научи Кина на Ши Џинпинг од украинската војна? Првата хипотеза е дека кинеското раководство ја ревидира својата проценка за „декадентноста на Западот“ реченица што Путин посебно ја истакна во говорот за време на годишнината од инвазијата. Другите  научените лекции се оние за  „грешките на Русија што не треба да се прават“, но и „слабостите на Западот“. Дополнително, падна и едно табу, „за агресија на постојан член на Советот за безбедност (Русија) врз соседот (Украина). За многу набљудувачи, насилната акција на Кина против Тајван сега е предвидлива во рок од неколку години, дури и ако оваа акција имплементира и  други форми освен инвазија.

Една  од позначајните последиците од војната во Украина е враќањето на големата загриженост за менаџирање со нуклеарното оружје. Можеби од оваа гледна точка светот влезе  во нова ера. Првиот аспект лежи во повторените закани за употреба на оружје за масовно уништување од страна на руските лидери и пропагандисти – што сугерира дека нуклеарното оружје може да има присилна улога, а не само улога за „одвраќање на ривалот“. Другиот аспект се однесува на пролиферацијата. Се чини дека Иран ја користи ситуацијата за одлучно да се приближи до нуклеарната енергија, што може само да поттикне некои од неговите соседи да ги преиспитаат сопствените опции. Северна Кореја го зголеми развојот на својот арсенал додека Јужна Кореја јавно го поставува прашањето за нуклеарното пристапување кон клубот. Во таквиот нов контекст, растат сомнежите за можноста на здружување во „заеднички фронт“ на големите сили кои поседуваат нуклеарно оружје (Франција, Обединетото Кралство,  Кина, Соединетите Американски Држави и Русија) кон контролата на  новите нуклеарни ризици кои се појавуваат меѓу помалите држави.

Во оваа фаза изгледите за надминување на кризата остануваат нејасни и се движат , помеѓу продолжената стагнација и можниот пробив на едниот или другиот од двете завојувани страни. Сепак, волјата на Владимир Путин да ескалира судирот е несомнена. Тој  ја охрабрува и стимулира војската со сè поопасни мерки како што се анексија на украинските територии за кои тврди дека се територија на Русија, спроведување на  делумна мобилизација, деструктивни удари во длабочините на Украина, повикува на „спас на патријата“, украинскиот режим го третира за нацистички  итн. Затоа, ризиците се високи за Украина, се разбира, но и за оние кои ја поддржуваат. Ниту судирот Русија-НАТО, ниту нуклеарна криза не можат да се отфрлат како неможни сценарија, ниту пак стремежот за „хибридна војна“ со глобален дострел. Неодамнешната епизода за  испраќање на тешки тенкови  од страна на Западот, ја покажува политичката цена на судирот  како сигнал испратен до Москва дека „Западот не се двоуми“. САД, НАТО и ЕУ, настојуваат да ја организираат стратегијата што ќе ѝ овозможи на Украина да победи. Воедно, неопходно е да се размислува за контурите на евентуалниот „крај на играта“. Линијата на оставање само на Киев  за одредување на времето и содржината на можните преговори всушност ја става Украина во тешка позиција. Едноставно, Украина не е во состојба самата да го менаџира ниту војно ниту дипломатски овој шаховски гамбит.

Ресетирање на меѓународните односи

Војната во Украина може да го означи „крај на илузијата на либералниот меѓународен поредок“. Војната, исто така, ќе ја разоткрие дистанцата што е создадена помеѓу „Западот и останатите“ и незадоволството во однос на светскиот поредок од крајот на Втората светска војна. Но, исто така може да се тврди дека Украина го сигнализира „издувувањето на илузијата за крајот на меѓународниот либерален поредок“. Западoт се покажа способен да го демонстрира својот економски и воен капацитет. Јасно е дека нема да има враќање назад, нема да има „обновување“ на светот од времето по 1945, како и оној по 1989. Незадоволствата на глобалниот југ нема да исчезнат. Средните светски сили нема да ја напуштата лесно досегашната стратегија. Кина и Русија ќе останат решителни да ги поткопуваат темелите на сегашниот поредок. Со други зборови, задачата за обнова на светскиот поредок односно избегнувањето на можниот хаос – е сериозна обврска  за западните политички, економски и воени елити.

Една од лекциите што произлегува од сегашната состојба на конфликтот е дека Русија мора да биде поразена, за да се сочува безбедноста во Европа. Западот ќе настојува да  испрати порака до „остатокот од светот“ дека „ сè уште е моќен да се брани“. Но западите сојузници ќе се соочат со враќањето на кредибилитетот и „забраната за еднострана употреба на сила“ преку лични примери. Западот мора да ја врати довербата меѓу Северот и Југот,  со вложување  средства во управувањето со развојот и климатските промени. Во оваа последна точка, Европејците несомнено имаат главна улога. Еден од предизвиците на обновата на меѓународниот поредок ќе биде изнаоѓање на компромиси со „неинхибираните средни сили“. Накратко, војната во Украина нема да биде изгубена војна доколку меѓународната заедница ги извлече соодветните лекции од неа.

(Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор)