ВМРО бара да се забрани двојно државјанство за пратениците, Зајкова бара и за функционерите
Нели ви е преку глава од дволичноста и двојните стандарди на „големите“ партии? Законот треба да важи еднакво за сите! Како што важи за претседателот на државата, за јавниот обвинител, за амбасадорите – така да важи и за сите избрани и именувани лица. Без исклучок. Од денес! Еве, нека немаат двојно државјанство и пратениците, и министрите, и директорите – сите. И тоа да важи за сегашните без одлагање“, пишува во објава на социјалните мрежи претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.
Зајкова бара да се направи увид и доколку некој во моментот кога стапил на функција имал двојно државјанство, веднаш да си поднесе оставка.
„Воедно, пратениците-предлагачи нека побараат оставки од сите министри кои евентуално имаат или имале двојно државјанство во моментот на изборот. Како до вчера било во ред, а сега не е. Или ќе го држат ставот до крај – или ќе бидат обвинети од јавноста за ДВОЛИЧНОСТ. Еве, јас волонтирам – нека почне од моето државјанство. Подготвена сум да заверам изјава пред нотар дека не сум имала друго државјанство“, пишува претседателката Зајкова и ги повикува своите колеги пратеници и функционери истото да го направат со проверка и на нотар.
Повод за реакцијата е денешниот предлог од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието со кој се бара пратеници да бидат лица што имаат само македонско државјанство преку измена на Законот за пратеници. Тоа го потврди пратеникот Бојан Стојаноски, според кој јавноста во изминатиов период е сведок на продукција на лаги од страна на СДСМ .
„ Во текот на вчерашниот ден, излезе една вест на фејсбук страната на СДСМ во којашто сме ние неколкумина, со една прашална форма дали сме гласале на изборите во Бугарија“, рече Стојаноски.
Стојаноски демантираше дека некој од нив поседува друго државјанство освен македонско. Според него, тоа е стара вест, која била актуелна пред 5 години, кога тогашен министер за одбрана, а сегашен поранешен политичар во Бугарија, сакајќи да создаде тема во јавноста наброил неколкумина кои наводно имаат бугарско државјанство. Додаде и дека тогаш имаше демант од нивна страна.
„ Јас лично не демантирав, затоа што сметав дека не треба да се даде внимание на оваа тема. Но, со колегите разговаравме и одлучивме да ја пресретнеме оваа лага и уште еднаш да покажеме пред јавноста со што се служи СДСМ и на кое ниво е падната таа политичка партија. Затоа го поднесовме овој закон со идентичен текст како пред 5 години, кој тогаш коалицијата СДСМ и ДУИ не го поддржа“, вели Стојаноски.
Тој кажа дека утре има пленарна седница, каде ќе побараат законот да се стави на дневен ред и СДСМ да се изјасни дали го поддржува.. Стојаноски напомена дека токму оние кои беа неведени во вчерашното соопштение на СДСМ го поднеле овој закон.

„ Уште еднаш да демантирамдека никој од нас не поседува никакво друго државјанство, а најмалку бугарско. Ако се уверени во ова, има начин тоа како да го докажат, нека се обратат до одредени институции, некој од нив нека нека излезе, ама да не биде од собраниска говорница, нека даде прес-конференција, секако дека ќе го тужиме“, истакна Стојаноски.
Тој дополни дека станува збор за партија која ги губи судските спорови.
– Ете, ние сме потпишани на овој закон, утре ќе можат да се изјаснат дали го поддржуваат или не. Ако го изгласаат, ако се тие во право, ние петмина повеќе нема да бидеме пратеници. Но, о јас мислам дека и овој пат ќе најдат некаков начин да го заобиколат или повторно ќе треба да ги слушаат оние кои што и во минатиот период ги слушаа, а тоа е ДУИ“, порача Стојаноски.