Владејачката про-ЕУ „Граѓански договор“ победи во Ерменија, Пашинјан најави „целосно искоренување на олигархискиот систем“


Ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, изјави дека „олигархискиот систем мора целосно да биде искоренет од Ерменија“, откако ја прогласи победата на парламентарните избори и најави формирање еднопартиска влада.

На првата прес-конференција по изборите, Пашинјан рече дека неговата партија „Граѓански договор“ обезбедила доволно поддршка за самостојно формирање влада.

– Оддржавме уште едни парламентарни избори во Ерменија, на кои „Граѓански договор“ победи. Ќе формираме еднопартиска влада, изјави Пашинјан.

Тој оцени дека резултатот претставува „доверба од граѓаните“ и оти тоа значи одговорност за „државата, слободата, иднината и мирот“.

Премиерот се осврна и на опозицијата, обвинувајќи дека некои политички сили се дел од „криминалниот олигархиски систем“ и дека треба да бидат предмет на кривична одговорност за случаи утврдени со законските процедури.

– Тоа не се политички сили, туку претставници на криминалниот олигархиски систем. Тие не треба да дејствуваат во Ерменија, рече Пашинјан, додавајќи дека против нив треба да се постапува согласно законот.

Тој ги отфрли обвинувањата за изборни притисоци, нагласувајќи дека институциите реагирале на пријави за купување гласови и други можни нерегуларности.

Во однос на надворешната политика, Пашинјан истакна дека Ерменија ќе продолжи со приближување кон Западот, но и со учество во Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), како и со развивање односи со Русија и другите членки на организацијата.