Владата „брцнала“ во независноста на судиите, не само во платите


Непопуларните мерки, вели Наташа Габер-Дамјановска, ќе бидат нужност, но државата не треба да прави дистинкција меѓу одредени категории вработени

 

Слободанка Јовановска

Владата со уредбата да ги стави на минималец платите на судиите и на јавните обвинители им ја загрозила независноста, е генерална оценка во рамките на фелата, откако јавноста го сфати тоа како себичност и несолидаризирање со мерките за економско справување со пандемијата.

Пораката е дека и судиите и обвинителите, како сите граѓани треба да го понесат товарот на кризата, но не на начин кој ќе промовира мешање на извршната власт во независноста на судството. На таа линија е и ставот на Наташа Габер-Дамјановска, поранешна судијка во Уставниот суд.

„Верувам дека Уставниот суд при носењето на својата одлука ја имал предвид, пред сѐ, уставната поделба на власта на законодавна, извршна и судска, односно дека судската власт при вршењето на својата улога и функција мора да биде независна, стабилна и да работи во услови во кои ќе се гарантира статусната сигурност и интегритетот на судиите. Тука влегуваат, како условите за работа на судиите и целото правосудство, така и примањата и службените привилегии кои ги имаат. Основата за обезбедување на ваквиот статус на судиите извира од бројни меѓународни документи.

Со други зборови, стабилноста на нивниот статус влијае врз слободата на судиското уверување (интегритетот) при носењето на одлуки, кој не смее да биде ограничуван на овој начин. Во крајна линија, највоопштено говорејќи, владеењето на правото се гаратира и со институтионална заштита од секој аспект на органите кои треба да правораздаваат, вели Наташа Габер-Дамјановска.

Околу дилемата дали можеше сепак да биде поинаква одлуката и дали има воопшто начин Владата да ги намали примањата на судиите во вонредна состојба, особено ако буџетот е празен и нема од каде да ги плати, Наташа Габер вели:

„Негативните  економски ефекти од пандемијата нашата држава допрва ќе ги чувствува и ќе следат финансиски резови кои неизбежно ќе нѐ засегнат сите. Личната добра волја и донации се со краткотраен рок и мислам дека ќе следат и други мерки. Верувам дека е важно тие да бидат како товар поегалитарно распоредени во целото општество, со паралелно нужно внимание на ранливите категории. Тоа значи дека ‘радоста’ за задржување на платите нема долго да трае за ниедна категорија вработени“, оценува таа.

Според неа, сѐ додека во уредбите со законска сила се запазуваат уставните принципи, владата може заради актуелната состојба интервентно да ги нормира односите во државата. Но, притоа мора да внимава да не се прави ваква дистинкција за определена категорија лица, туку при интервенирањето да се уреди сеопфатноста на мерките. Непопуларните мерки, вели таа, за жал ќе бидат нужност. Друго прашање е, вели таа, евентуалната добра волја која би можеле да ја покажат судиите, но тоа би морало да се постигне со претходен договор со нивните легитимни претставници од професионалната и трудовата област.

И за Маргарита Цаца-Николовска не постоела опција уставните судии да пресудат во корист на минималецот на Владата, без оглед што тие се засегнати со одлуката.

„Секоја држава мора да го обезбеди стабилниот статус на судиите за тие да бидат независни кога носат пресуди. Треба да се прави разлика меѓу тоа што значи независност врзана за Уставот и што значи солидарност. Има различни видови солидарност, но тие две работи треба да се одвојат. Судиите и обвинителите, колку што видов, се подготвени да партиципираат за да се олесни кризата, но уредбата да им се намалат платите е интервенција преку државата и не е во ред“, вели Цаца-Николовска. Според неа, платите на судиите и на обвинителите, според сите меѓународни документи, се еден од елементите на нивната независност. Освен тоа, вели Николовска, уредбата е без образложение и без баланс и во неа не се кажува ништо за пензискиот, социјален или здравствен фонд, односно како ќе се пресмета тоа.

„Не беше во ред тоа што новинарите сите уредби на Владата ги ставија во ист кош. Судството е посебна, независна власт, треба да се слушне и неговото објаснување. Судството е единствениот контролор на извршната власт сега, кога го нема парламентот, а таа, извршната власт, интервенира во него, при што Уставниот суд е единствениот што може да направи нешто во ситуацијава. Секако, тој треба да се искритикува за молкот околу дилемите со (не)свикувањето на Собранието, но не како вчера кога го нападна  една од властите, практично напаѓајќи се себеси како држава“, вели Николовска.

Антикорупциската комисија исто така смета дека  немало судир на интереси кај уставните судии во врска со вчерашната одлука за намалување на нивните плати.

Уставните судии вчера со стопирањето на владината антикризна мерка практично им ги вратија целите плати на над 2.000 избрани и именувани лица, меѓу кои се и тие самите, а требаше да земат минимална плата од 14.500 денари за април и мај место актуелните до 100.000 денари. Од Владата одлуката ја нарекоа скандалозна и несолидарна, обвинувајќи го Уставниот суд дека спречил да обезбеди 4 милиони евра за борба против пандемијата, без оглед што со одлуката практично од минималецот се ослободија и државните функционери.