Центар за дневен престој за деца со попреченост „Ајнштајн“ отворен во Црниче


Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска информираше дека денес во населбата Црниче бил отворен новиот Едукативно-терапевтски центар „Ајнштајн“- современа и специјализирана социјална услуга наменета за индивидуална работа со деца и млади со различни развојни, интелектуални и говорни тешкотии.

Центарот ќе нуди секојдневна поддршка преку логопедски и дефектолошки третмани. Услугата е целосно бесплатна, а ќе ја добиваат децата кои поседуваат соодветна медицинска документација, согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).

„Овој центар е резултат на соработката меѓу Општина Кисела Вода и Здружението за дислексија „Ајнштајн“, кои заеднички аплицираа за овој проект. Истиот е воспоставен во рамки на програмата на Министерството за социјална политика, демографија и млади, а финансиран од Светската банка. Му благодарам на заменик-министерот Ѓоко Велковски за присуството, поддршката и заедничката работа во процесот на континуирано унапредување на социјалните услуги“, истакна Стаменкоска Трајкоска.

Истовремено, додаде дека со Здружението „Ајнштајн“, денеска потпишале и Меморандум за соработка за имплементација на Еразмус+ проектот „DysAcademy“.

„Со оваа соработка, во директно партнерство со основните училишта, обезбедуваме бесплатен пристап до регионална онлајн едукативна платформа за наставниот кадар од сите училишта на територијата на нашата општина. На овој начин, покрај бесплатните третмани за учениците, системски им овозможуваме на наставниците и стручните соработници конкретни алатки и обуки за препознавање и работа со деца кои се соочуваат со дислексија, дисграфија или ADHD. Ова се чекори кои обезбедуваат реална и конкретна поддршка на локално ниво и за децата и за образовниот систем“, посочи градоначалничката.

Таа воедно порача дека грижата не смее да биде привилегија и дека секое дете заслужува еднаква шанса за правилен развој и поддршка.