Македонија досега успеа да го амортизира ударот на корона вирусот – интервју со д-р Владимир Микиќ, епидемиолог


Лејла Сабит

Фото: Борис Грданоски

Во Македонија, во моментот од корона вирусот се заразени 663 лице, најмногу во Скопје – 273, 30 се починати, 37 се излечени, а 10.414 се во изолација.

„Рестриктивните мерки во форма на ограничување на движењето иако непопуларни, се крајна мерка и се неопходни со цел да се намали можноста за групирање на поголеми групи население, што создава поволни услови за ширење на епидемијата“, вели епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје во Скопје за „Независен“.

Од завчера во Македонија се на сила рестриктивни мерки за движење на граѓаните зашто во овој период се очекува најголем број заболени од коронавирус, како што изјави министерот за здравство Венко Филипче. Зошто се важни?

Во отсуство на специфичен лек или вакцина, единствен начин да се забави ширењето на ова заболување (конечно и да се прекине) се т.н. не-фармацевтски мерки, што подразбира социјално дистанцирање, хигиена на рацете и непосредната околина, како и носење лична заштитна опрема во одредени ситуации. За жал, рестриктивните мерки во форма на ограничување на движењето, иако непопуларни, се крајна мерка и се неопходни со цел да се намали можноста за групирање на поголеми групи население, што создава поволни услови за ширење на епидемијата.

Сега сме во период кога го очекуваме и највисокиот број на случаи. Со рестриктивните мерки се забавува процесот на ширење на заболувањето со што се амортизира оптоварувањето на здравствениот систем. Ако вкупниот број на случаи се распореди во подолг временски период, здравствениот систем ќе може да ги прифати сите пациенти со потешки форми на заболувањето и да им ја пружи неопходната здравствена нега. Ова е клучната причина зошто овие мерки за жал се неопходни! Притоа, мора да се напомене дека се работи за времени мерки и тие ќе се адаптираат на епидемиолошката состојба.

Зошто толку се инсистира на социјалното дистанцирање, како и самоизолација или карантин?

Како што претходно споменав, во отсуство на специфичен лек или вакцина, единствен начин да се прекине ширењето на епидемијата се т.н. не-фармацевтски мерки, што подразбира и социјално дистанцирање. Социјалното дистанцирање значи дека не смееме да се собираме во групи и во секој момент да одржуваме дистанца (растојание) од најмалку два метри  помеѓу себе и другите лица околу нас. Од ова правило исклучок е секако тесното семејство.

Социјалното дистанцирање значително го намалува ризикот за заболување, бидејќи вирусот се пренесува преку контакт, главно преку ситни капки кои завршуваат во воздухот кога заразениот човек зборува, кашла или кива. Капките се тешки и не можат да поминат големо растојание во воздухот – приближно еден метар и за кратко време завршуваат на која било површина. Поради оваа причина, пренесувањето кај луѓето најчесто се случува кога станува збор за блиски контакти!

Социјалното дистанцирање не значи дека не треба да се излегува надвор. Надвор треба да излеземе сами или во кругот на тесното семејство, мора да се избегне групирање. Времето надвор може да се искористи и за умерена физичка активност со што ќе го намалиме стресот, ќе се одржи физичка кондиција, а со тоа ќе се зајакне и имунитетот.

Кои се вашите главни пет препораки за тоа како граѓаните да се заштитат од вирусот во моментот?

1.Одржувајте растојание поголемо од 2м со лицата околу вас, во секоја прилика (и кога правите пауза на работа).

2.Носете заштитна маска кога користите јавен транспорт, кога се грижите за лице со Ковид-19, кога одите на лекар или во простории каде има повеќе лица истовремено.

3.Често мијте ги рацете, течен сапун и вода се најефикасни, ако не може да ги измиете рацете користете алкохолно средство за дезинфекција.

4.Не допирајте ги очите, носот или устата, бидејќи со контаминирани раце од површините може да си го пренесете вирусот.

5.Додека сте дома, одржувајте физичка кондиција, слушајте ги препораките на здравствените работници, но ограничете го времето кое го поминувате гледајќи вести и информации поврзани за Ковид-19.

Има многу заболени кои не се тестираат или кријат дека се заразени. Како да се заштитиме од нив?

Покрај овие лица, има и такви кои го носат вирусот и не покажуваат никакви знаци на заболувањето. Ќе се заштитиме ако се придржуваме до петте точки од претходното прашање.

Дали јакнењето на имунитетот или здравата исхрана може да ги ублажат симптомите на коронавирус?

Здравата исхрана и здравиот стил на живеење придонесуваат да се намали ризикот од многу други хронични заболување кои се ризик фактор за потешки форми, не само од Ковид-19, туку од грип и други вирусни заразни заболување. Притоа, треба да се истакне дека не постојат волшебни суплементи или додатоци во исхраната. Потребна е балансирана диета и здрав стил на живеење.

Дали Ковид-19 произлезе од лабараторија или по природен пат?

Постојат многу шпекулации околу ова прашање, но сите докази говорат дека се работи за корона вирус кој „преминал“ од животни на човек. Корона вирусите (CoV) се големо семејство на вируси кои предизвикуваат болести кај животни, а кај луѓе предизвикуваат заболувања на органите за дишење кои се движат од обична настинка до потешки заболувања како што се SARS-CoV, MERS-CoV.

Овој коронавирус (наречен SARS-CoV-2) е многу сличен со вирусот кој ја предизвика епидемијата со Сарс, за кој беше докажано животинското потекло на вирусот. Ист случај е и со Мерс, заболување кое исто така е предизвикано од корана вируси и кај кој животинскиот домаќин се камилите.

Зошто прво во Кина, (па во Иран), а во Европа, најмногу во Италија и во Шпанија, и секако САД кои сега бројат огромни жртви?

Различната стапка на заболување, а и смртност во различни земји веројатно е условена од повеќе фактори. На ова влијае начинот на кој е организиран здравствениот систем, демографската структура на населението, социјалните фактори и навики на популацијата, а секако и мерките кои се преземаат за да се спречи понатамошното ширење на епидемијата.

Притоа, мора да се потенцира дека се работи за нов вирус на кој сите сме осетливи, што значи дека ако навремено не се преземат превентивни мерки можно е многу брзо да се прошири заболувањето, што ќе доведе до преоптовареност на здравствениот систем и потенцијално зголемен број на жртви.

Зошто Македонија засега ја избегна експлозијата од премногу заразени и смртни случаи?

Македонија сѐ уште успева да го амортизира ударот од оваа епидемија. Тоа се должи на навремените мерки, поставеноста на јавноздравствениот систем со поголем број  болници кои се спремни да ги прифатат пациентите на кои им е потребна хоспитализација. Сѐ уште не е достигнат пикот од епидемијата и мораме стриктно да се придржуваме на препораките со цел и да го одржиме овие резултати.

Има ли Македонија доволно капацитети да се справи со вирусот и доволно епидемиолози?

Располагаме со доволни капацитети, но секако тие не се неограничени, затоа се неопходни мерки кои ќе го забават ширењето на епидемијата. Бројот на епидемиолози во земјата е ограничен, но на располагање се ставени доктори и медицински персонал од други специјалности и превентивните гранки на медицината така што досега успешно се справуваме со епидемијата.

Колку луѓе во Институтот за јавно здравје работат на коронавирусот? Дали се работи 24 часа?

Во Институтот за јавно здравје постојано работат секторот за Епидемиологија, Лабораторијата за вирологија и молекуларна дијагностика, се работи речиси 24 часа, а секако имаме тимови кои се дежурни 24/7. Во одговорот се вклучени и сите други сектори кои помагаат околу одговарање на прашања на граѓаните поврзани со коронавирусот.

Дали комарци можат да го пренесуваат вирусот?

Не, досега нема ниту еден доказ дека ова заболување може да се пренесе преку комарци.

Има ли елементи на ебола и зошто го сметаат за грип?

Не би рекол дека Ковид-19 има елементи на ебола, се работи за две сосем различни заболувања во однос на клиничката слика, тежината и стапката на смртност. Многу лица го поистоветуваат Ковид-19 со грип што освен начинот на пренесување е погрешно од повеќе аспекти. Ковид-19 има значително повисока стапка на смртност, која во моментов е над пет отсто на глобално ниво, стапката на смртност од грип е далеку под еден отсто.

Многу полемики се водат околу тоа дали Ковид-19 е директна причина за смрт, или пациентите (особено оние повозрасните и тие со хронични болести) починале поради влошување на основната хронична болест предизвикано од вирусот. Јас само ќе напоменам дека во епидемиологија, кога се зборува за смртни случаи како последица од грип, зборуваме за смртни случаи асоцирани со грип, што значи дека грипот можеби и не е директна причина за смрт, но довел до влошување на основната болест што конечно довело до прерана смрт на тој пациент. Сакам да потенцирам, дека како и да се пресметува смртноста – дали како директна причина за смрт или како индиректна, Ковид-19 во моментов е значително посериозен јавноздравствен проблем споредено со сезонскиот грип.

Конечно, дека навистина се работи за сериозно заболување, би направил една споредба. Од Ковид-19 во Македонија досега се дијагностицирани 617 лица од кои 28 починаа или стапка на смртност од 4,5 проценти. Споредено со минатата сезона кога беа пријавени 21.531 заболени лица од грип и 29 смртни случаи стапката на смртност беше 0,13 отсто. Според ова, веројатноста за смртност од Ковид-19 е 34,6 пати поголема споредено со грипот.

Дали потопла или постудена клима влијае на ширењерто на вирусот?

Сѐ уште не знаеме доволно за вирусот, претпоставка е дека како и другите респираторни вируси кои се шират по капков пат и новиот корона вирус  (SARS-CoV-2) полесно се шири при постудени временски услови. Но, дали и колку ќе се забави ширењето на новиот корона вирус во летните месеци останува да видиме.

Од што ќе зависи дали ќе ескалира болеста?

Пред сѐ од успешното спроведување на мерките и придржување кон упатствата за социјална дистанца, лична хигиена и разумна употреба на лична заштитна опрема.

Зошто и здравствениот персонал се разболува ако е добро заштитен?

Тоа е предмет на дополнителни анализи, во дел од случаите здравствените работници се разболеле надвор од здравствените установи. Правилната употреба на лична заштитна опрема во здравствени установи го сведува на минимум ризикот од инфекција на персоналот. Можно е да дошло до пропусти во делот на заштита при меѓусебна комуникација на здравствениот персонал за што веќе постојат строги протоколи.

Колку брзите тестови за Ковид-19 се валидни?

Досега официјално сѐ уште не постојат валидизирани серолошки тестови. Тие може да имаат значителна примена кога би се одредувало нивото на колективен имунитет, односно колку лица биле изложени на вирусот и створиле заштитни антитела.

Која е суштинската разлика меѓу брзите тестови и тестовите што ги препорачува СЗО?

Со серолошките тестови утврдуваме дали едно лице било изложено на вирусот и создало имунитет, т.е. детектираме антитела. Притоа, не може со 100 проценти сигурност да кажеме дали тоа сѐ уште го носи и вирусот, односно дали може да инфицира други луѓе. Се тестовите препорачани од СЗО – т.н. ПЦР или молекуларни тестови се докажува генетскиот материјал на самиот вирус.

Кога се применува масовно тестирање, и дали тоа ги опфаќа и луѓето кои немаат симптоми и не биле во контакт со заболени?

Ова е реченица која многу често се употребува во јавноста, мора јасно да кажеме дека секаде се тестираат, или се дава приоритет, на лица кои исполнуваат одредени епидемиолошки или клинички критериуми. Македонија со направени 3.000 тестови на еден милион жители е во врвот во регионот. Самите тестови немаат голема вредност ако не се поврзани со мерки на изолација на позитивните и пронаоѓање и домашен карантин на контактите. Кај нас навистина се преземаат активни мерки за тестирање на лица кои исполнуваат одредени предуслови и пронаоѓање и изолација на контактите.

Дали вакцината е единствениот спас од исчезнување на вирусот?

Вакцината е најдобро решение, во спротивно ќе мора да чекаме да се инфицира поголем дел од населението со цел да се создаде колективен имунитет. Иако во 80 отсто од случаите заболувањето ќе помине во полесна форма, стекнувањето на колективен имунитет по природен пат (преку инфекција на населението) ќе значи и многу смртни случаи и голем товар на здравствените капацитети.

Дали и кога треба да се носи заштитна маска и ракавици?

Носете заштитна маска кога користите јавен транспорт, кога одите на лекар или во простории каде има повеќе лица истовремено. Кога се грижите за лице со Ковид-19 во домашни услови, задолжително ставете маска на заболеното лице а вие користете заштитна маска и ракавици (фрлете ги во затворена корпа по употреба). Доколку имате симптоми на Ковид-19 или симптоми на грип задолжително носете маска!

На отворено нема потреба да носите маски доколку одржувате социјална дистанца!