Вирус на лажното знаење


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Судењата преку интернет не можат да ја заменат ни многу потребната реформа во судството и обвинителството и политичкото влијание кое одамна е влезено во судските ходници

 

„Не плаши се од незнаењето, плаши се од лажното знаење, од него доаѓаат сите несреќи на светот“Џорџ Гордон Бајрон

Пандемијата предизвикана од Ковид-19 му донесе на човештвото многу предизвици и прашања на кои допрва треба да одговори. Навиките создавани со децении, релациите и воопшто начинот на живот преку ноќ се сменија и почнаа да се создават сосема нови навики, односи, а како и секогаш кога се случуваат големи и тектонски поместувања (а короната оправдано или не токму тоа му го стори на човештвото), почнаа да излегуваат повеќе од обично на виделина некадарноста, незнаењето, глупирањето, богатењето на туѓа мака и сѐ она што од секогаш го прават поединци кои во нормални околности се маргинални ликови.

Нема да зборувам за сето она што се случуваше и сѐ уште се случува во здравството, образованието, економијата и политиката, но не можам а да не зборувам за она што се случува во судството и што допрва ќе се случува ако продолжат политичките поени на политиканството да бидат побитни од начелата, принципите и темелите на  она што значи право, правораздавање, правичност и законитост.

Само доследно почитување на законите доведува до правна сигурност и создавање на вистинска правна држава, а секое жонглирање, глупирање, експериментирање и ескивирање на законот води кон уривање на правниот систем, но и на темелите на државата, довербата во неа и сигурноста на граѓаните. Постојат земји кои со векови ништо не смениле во нивните правни системи и закони, во кои се поместени основните права и слободи на човекот и граѓанинот, и тие држави се далеку пред нас во секој поглед. Менувањето на законите по секоја цена, нивно копирање од други држави и туѓи искуства без запазување на своите потреби, приоритети и менталитет создава закони кои не се применливи, кои создаваат несигурност и се во колизија со многу други закони кои се на сила. Токму ова го правиме веќе десетици години наназад создавајќи правен систем, кој е сечен и лепен токму како Франкештајн. Покрај ваквиот манир на препишување и крпење на законите од другите земји, најчесто од два, три закона и содавање на еден кој ќе важи кај нас, идеите и импровизациите кои доаѓаат од високите политички функционери најчесто од извршната власт се уште потрагични и поопасни. Кога на тоа ќе се додадат и судии клиентелисти добиваме опасна и погубна комбинација која и онака разнебитениот судски и правен систем го носи  кон уште подлабок амбис.

На 27 март 2020 година во Димитровград, Србија, беше донесена првата пресуда преку Скајп, а  реакциите и негодувањето на фелата беа бурни, остро спротивставувајќи се на судење онлајн дури и во време на вонредна состојба. На 15 април 2020 година во Кавадарци се одржа првото онлајн судење, но реакциите на фелата изостанаа, освен некои поединечни реакции. И двата настана се случија во време на вонредната состојба која беше прогласена и во двете држави, а оправдувањето за ваквото постапување кавадаречкиот судија ги наоѓаше во упатствата и препораките на Комитетот за спречување на тортура и Советот на Европа и Светската здравствена организација и Оперативниот план на Судскиот совет на РСМ за постапување во итни предмети. Судијата од Димитровград своето постапување го темели на Уредбата за судење преку Скајп која предвидува дека обвинетиот не мора да е во судницата, но сите други учесници во постапката мора да се во судницата. Вонредната состојба заврши, но пандемијата остана, а со неа останаа и продолжија и обидите за импровизација, политиканството, лажното знаење, клиентелизмот и грубото кршење и непочитување на законите.

Никој не е над Уставот и законот и никој нема право нив да ги крши и дерогира поради никого и поради ниту една причина. Дел од загарантираните човекови права и слободи може да биде суспендиран во време на воена или вонредна состојба и тоа само и само ако таквото ограничување го предвидува Уставот, додека дел од изрично наведени загарантирани права не може да биде суспендиран ниту ограничен дури ни во време на вонредна состојба. Тоа е проширен круг на апсолутни човекови права, а меѓу нив спаѓа и правото на правично судење. Упатствата и препораките на Комитетот за спречување на тортура, Советот на Европа и Светската здравствена организација и Оперативниот план на Судскиот совет на РСМ не се закони ниту се тела над и надвор од законот, па истите не можат и не смеат да ги дерогираат законите ниту да ги ограничуваат апсолутните човекови права и слободи ниту во време на вонредна состојба. Дотолку повеќе, никој нема право овие права да ги ограничи во нормална состојба во државата, кога не е прогласена ниту вонредна ниту воена состојба.

Сѐ почесто се слуша од извршната власт дека се предлага, а и се врши своевиден притисок врз судството, судењата да се одржуваат онлајн, односно преку некаква си интернет платформа. Но како сите да забораваат дека постои Устав и закон и дека ничија желба, идеја, незнаење или знаење може да ги стави надвор од сила и да ги крши.

Законот за кривична постапкапка е сосема јасен и во членот 5 предвидува дека секое лице обвинето за кривично дело има право на правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, во контрадикторна постапка да ги оспорува обвиненијата против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана. Членот 6 од истиот закон предвидува дека лице против кое се води постапка има право во разумен рок да биде изведено пред суд…  На ова сигурно дел од надобудните клиентелистички судии ќе каже дека и изведувањето на обвинетиот пред камера во која гледа судот е изведување пред суд, ама не само што не е така, туку не му овозможува на обвинетиот ниту голем дел од неговите права во постапката. Членот 346 од Законот за кривична постапка изрично предвидува дека главната расправа се одржува во седиштето на судот и во судската зграда. Постојат уште десетина членови со кои е изрично предвидено непосредното забележување на судијата при изведувањето на доказите, сослушувањето на сведоците, вештаците итн. Во контекст на ова Европскиот суд за човекови права утврдил дека е повредена Европската конвенција за заштита на човековите права во случајот во кој обвинетиот бил во судница но изолиран во стаклена кабина. Тоа по мислењето на Европскиот суд ја нарушило можноста обвинетиот да комуницира со својот бранител и да има делотворна и практична правна помош од него и со тоа се задира во сржта на правично судење, бидејќи е повредена еднаквоста на странките во постапката. Каква ли би била одлуката на Европскиот суд кога обвинетиот воопшто не би бил во судница и пред судијата, туку се наоѓа пред притворскиот чувар во притворското одделение далеку од очите на бранителот?

Ваквите импровизации не служат никому и не го унапредуваат правниот систем ниту правната мисла , а не ја зголемуваат ниту ажурноста на судовите ниту ги решаваат натрупаните проблеми. Недовербата во судството кое е под лупа на јавноста и во кое никој не верува дури и кога суди јавно во судниците не само што нема да се зголеми со ваквото Скајп судење туку само ќе отвори нови шпекулации. Во добар дел од судовите и обвинителствата недостасуваат судии и стручни соработници. Само како пример би ги посочил судовите во Свети Николе, Делчево, Берово каде што не може да се состави кривичен совет, а што секако нема да се реши со ваквите судења преку интернет. Судењата преку интернет не можат да ја заменат ни многу потребната реформа во судството и обвинителството и политичкото влијание кое одамна е влезено во судските ходници.

Наместо енергијата да ја трошат на предлози и идеи кои се сериозен атак на начелата и темелите на правораздавањето и човековите права и слободи, одговорните би требало сериозно да се позанимаваат со вистински и суштински реформи кои сакале или не ќе мораме да ги спроведеме во процесот на преговорите со ЕУ.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)