(Видео) Шверцувале гориво од Хрватска во Италија. Во подот на фирмата биле скриени милиони евра


Европското јавно обвинителство во Болоња и италијанската финансиска полиција на Парма (Guardia di Finanza) вчера извршија наредба за замрзнување имот во износ до 149 милиони евра, соопшти европското обвинителство. Се работи за истрага на криминална група која шверцувала гориво од Хрватска и Словенија во Италија.

„Наредбата за замрзнување ја издаде истражниот судија на Парма, на барање на ЕППО, против пет физички лица и две компании кои се занимаваат со трговија со гориво во Парма, Потенца и Салерно“, објави ЕППО.

Милиони евра скриени под подот

При претресот, италијанската полиција открила милиони евра во кеш скриени под подот во просториите на една од фирмите под истрага.

Истрагата опфаќа криминална група составена од три лица, сите Италијанци кои работат од Дубаи, Мајами и Салерно. Тие се осомничени дека внесувале гориво на италијанска територија од Хрватска и Словенија и го препродавале по ниска цена, користејќи голем број фиктивни фирми како посредници.

„Горивото на крајот било продавано на компанија со седиште во Парма, за која се верува дека извршила измама со ДДВ, дозволувајќи ѝ да ги препродава предметните петрохемикалии под пазарните цени, со што се здобила со незаконска предност пред чесните трговци“, објави ЕППО.

 Според истрагата, горивата биле увезени преку две фирми со седиште во ЕУ од рафинерии во Словенија и Хрватска со возила на хрватска транспортна компанија управувана од еден од наводните членови на злосторничкото здружување. Горивото се продавало на 17 бензински пумпи во италијанските градови Парма, Пјаченца, Реџо Емилија, Модена, Ферари, Бреша, Лоди и Верона.

Италијанскиот буџет е оштетен за над 90 милиони евра

„Во некои случаи, како посредник се користела компанија со седиште во Потенца, чија единствена цел била да се воведе дополнителен фиктивен чекор во трговскиот синџир, со цел измамата да не биде директно поврзана со компанијата со седиште во Парма. Компанијата „Тампон“ е осомничена и за даночна измама“,  додаваат европските обвинители.

Се проценува дека шемата ѝ нанела штета на даночната администрација во Италија за над 92 милиони евра, поврзана со неплатен данок од 2016 година.