(Видео + фото) Гарванлиев со прва проба на Евросонг: Што може Македонија да очекува во Ротердам?
Полуфиналните вечери ќе се случат на 18 и 20 мај, додека финалето е закажано на 22 мај. Васил настапува во првото полуфинале, 6-ти по ред
Првата проба на Гарванлиев со “Here I stand” на Евросонг во Ротердам се случи денес и веќе се очекуваат попрецизни прогнози околу пласманот на учесниците, но искуството покажало дека не постојат правила до последниот момент и од есенцијално значење е позитивната мисла и безрезервна поддршка на избраните претставници. Полуфиналните вечери ќе се случат на 18 и 20 мај, додека финалето е закажано на 22 мај. Васил настапува во првото полуфинале, 6-ти по ред.
Поради скратениот буџет за реализација на проектот и условите коишто ги наметна пандемијата, екипата од МРТ која отпатува во Ротердам е исклучително мала. Покрај Васил Гарванлиев во Холандија отпатуваа и Александра Јовановска, новинар кој одлично ги познава евровизиските протоколи и режисерката Тине Матулеси, која го осмисли досега најуспешниот македонски евровизиски настап во 2019 година, но и многу други впечатливи евровизиски настапи.
Како поддршка со свои ресурси кон тимот се придружија и Јелмаз Дервиши, како ПР на Гарванлиев и Расел Дејвис, долгогодишен волонтерски соработник на македонската делегација. Џозефин Ли и Брајан Фарина во Ротердам долетаа дури од Чикаго, кои како менаџерско-продуцентски тим се долгогодишни соработници на Гарванлиев.
Евровизиската песна “Here I stand” ја напиша самиот Гарванлиев, како што вели, во еден здив, додека пак во аранжирањето и оркестрацијата се вклучија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. Песната го истакнува класичниот вокaлен тренинг на артистот, што во комбинација со класичарската музичко-сценска дисциплина е одлична формула за успешно справување со евровизиските предизвици. Но, можеби најсилниот адут во пакетот е природноста и автентичноста на звукот, затоа што Гарванлиев во композицијата е целосно свој.
Костимот за препознатливиот евровизиски црвен килим е креација на Раде Василев & Tip Top, додека пак костимот за на сцена Василев го креира во соработка со Signori.
Особено значаен е фактот што Васил Гарванлиев пред патувањето за Холандија доби поддршка од Мицуко Ушида, пијанистка и диригентка од светски ранг. Во светот на класичната музика опишувана токму како еден од најзначајните музичари на денешницата. Позната по нејзината интерпретација на дела од Моцарт, Шуберт, Шуман и Бетовен, таа има настапувано со Берлинската и Лондонската филхармонија, а меѓу другото е и добитник на Греми.
Прва асоцијација за овој уметник е “Марионка”, рефрен кој ретко кое дете растено во 90тите не го памети, а неговата музичка историја и географија е исклучително богата и широка, вклучувајќи престижни музички центри низ светот до чија програма стигнуваат само најдобрите во фелата како на пример Карнеги хол во Њујорк, Кралскиот музички конзерваториум во Торонто, а на кратко и во Ла Скала во Милано.
Листата на соработки со светски музички имиња е навистина импресивна и опфаќа врвни артисти од поп и класичната музика како Селин Дион, Џули Ендрус, Нели Фуртадо, Енрике Иглесиас, светски познатиот челист Јо-Јо Ма и многу други.
На 24 мај 1964 година се случи првиот избор за песна на Евровизија, музички натпревар организиран од Европската Радиодифузна Унија и традицијата на ова музичко обединување на Европа трае веќе 65 години. Јубилејното издание на најголемото аудио-визуелно шоу на континентот не блесна во полн сјај минатата година, од причини кои денес веќе ги нарекуваме новото нормално, но гледајќи на позитивната страна, земјите учеснички добија втора шанса за прв впечаток, а Европа по втор пат е во еуфорија и исчекување на 65-тиот евровизиски јубилеј.
Директните преноси од сите три евровизиски вечери ќе можете да ги проследите на Првиот и Вториот канал на Македонската телевизија, како и на Првата програма на Македонското радио, со почеток во 21 часот.