Вицепремиерот Арбен Фетаи го нема, не доаѓа на владини седници
Министерот за здравство Азир Алиу, кадар на „Вреди“, вечерва посредно ја потврди информацијата на неговиот претходник во ресорот, Арбен Таравари, дека вицепремиерот за политики за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи, го нема во владата и не доаѓа на владините седници. Според Алиу, неговото отсуство не се должи на здравствени проблеми. Таравари неодамна во телевизиско интервју рече дека Фетаи се вратил во Брисел од каде што и дојде да стане член на владата.
Алиу оваа информација ја даде за време на интервјуто за „360 степени“ на МТВ на прашањето на уредникот Васко Попетревски дали разговара со Арбен Фетаи. Алиу одговори дека не разговара затоа што тој не доаѓа на седниците на Владата. Алиу рече дека не е информиран зошто Фетаи не доаѓа на седниците.
Министерот за здравство изјави дека постоеле несогласувања на Арбен Фетаи во однос на политиките на „Вреди“ и Владата, но дека тие биле решени во рамките на коалицијата и дека во политиката е потребно секој да внесе енергија, знаење и промени, а кога некој не се чувствува како дел од една група, тогаш легитимно е да се разделат.
Арбен Фетаи и Азир Алиу се одвоија од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари кога тој во мај 2025 г. реши да ја напушти власта. Фетаи остана вицепремиер, а Алиу го наследи Таравари на функцијата министер за здравство.