Весела или кисела Македонија?


БОЖИН ПАВЛОВСКИ

Последната „македоно-бугарска“ општина во дијаспората се викаше „Весела Македонија“ и таа згасна во Сиднеј при крајот на 1970 година затоа што остана без своето членство

Не толку одамна, во својата колумна „Вклучете го разумот во кавгите со Бугарите“, објавена на ценет медиум, апелирав за поголема внимателност од наша страна. За жал, работите побегнаа од контрола. Многумина одвај чекале да се „набодат“ на бугарскиот национализам, кој е официјална државна политика (романтизам финансиран од буџетот).

Нивните јастреби и порано тврдеа дека „Македонците се неосвестени Бугари“, но сега, откако нашите јастреби остро го оспорија нивното „славјанско лидерство“ веќе избраа погрда реторика, и велат дека „Македонците се неизбањати Бугари“.

Што може Владо Бучкоски да измени во оваа неразумна војна со зборови? Веројатно само да моли: „Братја Блгари, оставете нешто за подоцна“. И можеби ќе измоли нешто за да почнат тие посакувани преговори за наше членство во ЕУ. Но ќе траат цела вечност. На многумина не им е јасно дека во нашава болна приказна токму Бугарија ќе го има главниот збор, односно ќе ја застапува Европа. 

Пожелна беше нашата смиреност за да си го браниме и одбраниме својот кревок и од многу страни негиран идентитет. Ние ја прифативме реториката на Каракачанов, кој стекна енормно богатство токму со негирањето, односно вулгарното толкување на македонскиот народ. Негова беше познатата изјава дека „волови се сите што го зборуваат тој вештачки македонски јазик“. Ванчо Михајлов во своето претсмртно интервју само ја потврди и реафирмира. Таа беше објавена во „Македонска трибуна“ од американски Форт Вејн, и Блаже Конески беше запознат со неа. 

Со оглед што и тој не е Бугарин туку Влав од познатите каракачански номади, за кои Стојан Христов ги има напишано најубавите прозни страници, или и ние како него ќе ја играме улогата на „калемени Бугари“ или нема слободен пат за ЕУ. 

И треба да му веруваме кога со толкава ароганција, за жал, вели дека тој ја претставува Европа. 

„Македонците се калемени Блгари“, тоа ќе бараат да го прифатиме откако ќе ја споделиме „заедничката историја“. Исто така ќе бараат „југословенската администрација во Македонија да се изедначи со бугарската администрација“. Со други зборови, нема да се задоволат додека не го исплукаме идеалот за автохтона нација.

Длабоко сум убеден дека ова што ќе се случува е трет дел од сценариото што во 2000 година му беше доверено на Љубчо Георгиевски, кој веќе наредната 2001 година мораше „да вади костени од жарта“ во војната што му ја наметнаа. Кога друг пат сте го виделе командант Али Ахмети со книга во рацете, освен за време на таа војна? Не сме ни свесни од која страна Бугарите добија толкаво засилување. 

За жал, нашата држава не создаде ни државна безбедност, ни своја квалитетна дипломатија „што ќе ги проучува“ меѓународните превирања. Одамна се знаеше дека по Грција „ќе се набодеме“ на Бугарија, за на крај Албанците веројатно да речат: „Простете и збогум. Се изморивме од вашите проблеми“. 

Кога со Преспанскиот договор „признавме“ дека постојат грчки Македонци, со поголема леснотија „ќе признаеме“ дека постојат бугарски Македонци, односно македонски Бугари. Затоа што тие навистина постојат, ги негуваат македонските песни, ора, адети – но како дел од бугарската традиција. 

Само во пет од последните 75 години Бугарите ги признаваа македонската нација и јазик. Во нивната меморија е вградено убедувањето дека ние сме југословенски Македонци, исто како нивните бугарски Македонци. 

Последните бугарски Македонци во нашата голема дијаспора во Австралија имаа своја општина што се викаше „Весела Македонија“. Основач и доживотен претседател беше Мик Велоски, додека генерален секретар беше Џони Пизарков. Општината им се распадна откако остана без членство. Илјадниците Македонци си посакаа и изградија свои автентични институции. Цркви, манастири, спортски клубови и стадиони, медиуми, аматерски театри. Најмалку 500 објекти од непроценлива вредност само со лични донации и даренија. Како тие обични наши луѓе ќе го доживеат ова што ќе следува? Весело? Кисело? Во мигов речиси сите се во исчекување и загриженост, свесни дека во родната земја се случува историско митарење.   

(Божин Павловски е писател)