Велингер победи во Оберстдорф – Кобајаши втор


Германецот Андреас Велингер победи во Оберстдорф, првата станица на турнејата Четири ски скокалници.

Еден од најпопуларните спортски настани во овој период од годината традиционално започнува во Германија, а пред својата публика најдобар беше Велингер.

Најдобриот од квалификациите ја оправда улогата на фаворит и зад себе ги остави Јапонецот Рјоју Кобајаши (306,3) и Австриецот Стефан Крафт (298,9), додека на четвртото место заврши Словенецот Ловро Кос.

Велингер во првата серија прескокна 139,5 метри, во втората скокот беше исклучително пократок – само 128 метри, но успеа да ја задржи предноста и со вкупно 309,3 поени се искачи на првото место на подиумот.

По Оберстдорф, турнејата продолжува во Гармиш-Партенкирхен на Нова година, а потоа се сели во Австрија.

Третата станица е Инсбрук на 3-ти јануари, а турата завршува на 6-ти во Бишофсхофен.