Вашингтон ја осуди најавата на Макрон за признавање на Палестина

Вашингтон остро реагираше на најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Франција ќе ја признае Државата Палестина за време на Генералното собрание на Обединетите нации во септември. Американскиот државен секретар Марко Рубио во објава на социјалната мрежа X оцени дека овој потег е „невнимателна одлука што ѝ служи само на пропагандата на Хамас и го кочи процесот на мир“.
„Ова е шлаканица во лице за жртвите на масакрот од 7 октомври“, напиша Рубио, алудирајќи на нападот на Хамас врз Израел во кој загинаа над 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа киднапирани и однесени во Појасот Газа.
Изјавата на Макрон, објавена синоќа, предизвика силни политички и дипломатски реакции. Тој рече дека признавањето на Палестина е „во функција на праведен и траен мир на Блискиот Исток“, и најави дека формалната изјава ќе ја даде на собранието на ОН.
Француската одлука доаѓа во чувствителен момент кога регионот се уште е длабоко потресен од последиците на војната меѓу Израел и Хамас. САД, како главен сојузник на Израел, се противат на еднострани чекори во однос на палестинската државност, сметајќи дека тие треба да произлезат од директни преговори меѓу страните.
Наспроти ваквите дипломатски пораки, сепак имаше и една недипломатска од американскиот амбасадор во Израел кој најде место и за хумор во ваква трагична ситуација:
„Колку генијално! Ако Макрон може само да „прогласи“ постоење на држава, можеби Велика Британија може да ја „прогласи“ Франција за своја колонија!“ – е една од низата објави на социјалните мрежи на амбасадорот Мајк Хакаби.
„Во едностраното ‘прогласување’ на Макрон за ‘палестинска’ држава не пишува каде би била таа држава. Сега можам ексклузивно да откријам дека Франција ќе ја понуди Француската ривиера, а новата држава ќе се вика „Franc-en-Stine“, додаде амбасадорот Хакаби во следна објава. До денес, најмалку 142 држави признале палестинска држава, но САД и Израел остануваат остро против ваков чекор.
Осудата на САД е случува токму кога цел свет е згрозен од случувањата во Газа и никој не може да објасни како се дозволува тоа. Британскиот хирург Ник Мејнард, кој неодамна се врати од Газа, за „Скај њуз“ изјави дека израелските одбранбени сили (ИДФ) пукаат врз цивили на пунктовите за помош, „речиси како вежба за гаѓање мета“, додека хуманитарните услови во Појасот Газа се „катастрофални“.Мејнард, кој работел четири недели во болницата Насер во јужна Газа, рекол дека се соочил со сериозен недостиг на храна, особено за деца, и документирал случаи на израелска конфискација на формула за бебиња, што лекарите се обиделе да ја внесат.
„Четири предвреме родени бебиња починаа во текот на првите две недели од мојот престој во болница. Речиси сите деца се хранат со шеќерна вода, бидејќи нема доволно формула“, рече Мејнард.
Тој ги опиша тешките физички и психолошки ефекти од војната врз локалниот медицински персонал.
„Моите колеги, кои ги познавам со години, ослабеа по 20 до 30 килограми. Тие се гладни и исцрпени и работат секој ден пред да се вратат во своите шатори без храна“, рече тој.
Мејнард тврди дека оперирал неколку момчиња, од кои најмладото имало 11 години, кои биле застрелани на пунктовите за дистрибуција на помош управувани од Хуманитарната фондација за Газа (GHF), иницијатива поддржана од Израел и САД.
„Отидоа да земат храна за своите гладни семејства и беа застрелани. Едно момче (12) почина на операционата маса“, рече тој.
Хирургот, исто така, укажа на „вознемирувачки модел“ на прострелни рани, за кои се вели дека биле групирани низ деловите од телото во различни денови.
„Еден ден дојдоа со рани во главата, следниот ден во стомакот. Четири тинејџери неодамна беа застрелани директно во тестисите. Ова не може да биде случајност. Изгледаше како цивилите да биле мети во вежба за пукање“, рече докторот.
Во одговор на „Скај њуз“, Израелските одбранбени сили ги негираа обвинувањата.
„Израелските одбранбени сили категорично ги отфрлаат обвинувањата за намерно нанесување штета на цивили. Војската има обврзувачки наредби со кои се забранува намерно таргетирање на цивили“, се вели во соопштението.
Војската додаде дека сите инциденти се истражуваат и дека секое потенцијално кршење на законот ќе биде санкционирано, пренесува Танјуг.