Вардар од Миравци до Швајцарија, и назад


Сашко Ѓ. Димовски

Нумерата „Мој је живот Швицарска“ од Дино Мерлин совршено одговара на случувањата во Вардар во изминатите шест месеци. Земјата позната, меѓу другото, по Алпите, чоколадата, часовниците, се претвора во судбина за најтрофејниот македонски фудбалски колектив. И секако, ноќен кошмар. Клупското поштенско сандаче веројатно е преплавено од кореспонденција со меѓународните спортски институции.

На адреса на „црвено-црните“ најпрво (декември) стигна предупредувачка порака од Нион потпишана од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА). Се однесуваше на условна суспензија од нејзините натпреварувања за период од две години доколку не бидат подмирени заостанатите финансиски обврски кон играчите до 30 септември лани. Цела пролетна полусезона се одигра во грч што ќе биде следно. А следното беше ослободителна одлука за растоварување на голем камен од плеќите на управата. Но, само на 24 часа.

Деноноќие потоа Вардар беше погоден од нов швајцарски удар. Овој пат го зададоа од Цирих во кој се вели „забрана за регистрација на играчи во два преодни рока“. Потпишан е од Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) и многу веројатно е дека се однесува на максимален дијапазон на примена (не само за првата екипа, туку и за најмладите). Или во превод – клубот ќе биде принуден да игра со оние што се веќе негови членови и без можност за купување фудбалери како замена за оние што ќе заминат.

Најпросто кажано, Вардар во наредната сезона ќе игра со „деца“. Во таква ситуација ќе биде тенка и линијата со Втора лига што ја заобиколи во 2011 година по фузијата со Миравци, ако, се разбира, догодина не се најде некое друго мало место што заслужено ќе обезбеди прволигашки статус, но и незаслужено нема да ужива во него. Од морални причини, а не правни. Да се негуваат амбиции за конкурентност на Шкендија во борбата за титула во овој момент спаѓа во доменот на научна фантастика.                           

Сето ова што се случува е поврзано со Максим Максимов, рускиот напаѓач што во 2017 година беше промовиран во Скопје со „црвено-црн“ дрес. Негодуваше во таа прилика неговиот тогашен клуб „Тракаи“ од Литванија кој предупреди и на неправилноста на трансферот и на тоа дека ќе поведе постапка пред ФИФА и дека Вардар ќе трпи санкции. Меѓутоа, во Вардар „уво не ги болеше“ што говорат и пишуваат Литванците. Беа убедени дека правото е на нивна страна, демонстрираа инает и решија да игнорираат и да тераат работа во стилот „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“. Ама „вистината е како шило“, што би рекол поранешниот премиер, па сега дојде цехот за наплата на тврдоглавоста.

Пред Вардар е уште една швајцарска адреса. Овој пат за жалба, ако воопшто се решат да ја поднесат. Се наоѓа во Лозана и седиштето на Спортскиот суд за арбитража. Предметот ќе чини и време и пари и неизвесност во чија корист ќе биде одлуката.

Во заплетканиот случај „Максимов“ се заплетка и Вардар. Дилема е дали македонскиот клуб се издрибла самиот или беше издриблан од друг? Договорот никогаш не виде дневна светлина. Неговата содржина ја знае фудбалерот, веројатно ја знае раководството на „црвено-црните“ и секако, „Тракаи“ кој и порача пред две години дека „не се сигурни дека Вардар е запознат со сериозноста на прекршокот што го прави и последиците што ќе ги сноси“.

Но, впечатокот е дека е направен аматерски превид на управата и на нејзините служби, што резултира со забрана за трансфер на фудбалери и парична казна за клубот доколку Максимов не ја плати сумата во рок од 90 дена на која ќе биде пресметана и камата од пет отсто. Сумата не е милионска, какви што се, според гласишта, вкупните долгови. Шестцифрена е, но и тоа како е дополнителен удар за клубот кој нема да ја види Европа ова лето (не доби лиценца од Фудбалската федерација на Македонија). Можеби и смртоносен. А за наплата чекаат и напластени побарувања што се протегаат до ноември минатата година.