Вангелов: Тешко да се дојде до заеднички учебник, излезот е во мултиперспективност


Не е лоша идејата за заеднички учебник, но тешко би се дошло до него во овие контексти и констелации. Првиот меѓу Франција и Германија е објавен во 2005 по 30 години разговори. Јасно ни е дека разликите нема да може да се надминат лесно меѓу перцепциите во различните земји, барем не за оваа генерација или некакви политички и комисиски одлуки да се пресликаат во учебниците. Тоа не може да функционира, рече Огнен Вангелов, член во македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.

Излезното решение, за што се залага и Комисијата, рече, е во мултиперспективност односно да се дадат варијантите на погледите на другите за конкретно прашање, не за сите туку за контроверзните за кои нема согласност.

– Меѓутоа за такво решение нема приемчивост и не е реално да се очекува, а дека треба да има, треба секогаш, но да постои волја, рече Вангелов во гостување во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.

Комисијата  со тимовите од двете земји  досега имала 11 состаноци, а по шестиот состанок бугарските колеги, рече Вангелов, почнале да одбиваат во верзијата на нивниот записник да се користи придавката македонски и се повикуваат на Преспански договор со кој, според нив, се ограничува нејзината употреба за идентитетски прашања.

Барањата македонската страна да прифати бугарски корени на сопствениот идентитет и јазик, според Вангелов и според проф. Симона Груевска од Институтот за македонски јазик која учествуваше во емисијата, не е само дневна политика и поврзано со претстојните избори во Бугарија, туку се тврдења со долга традиција од стотина години кои се преповторуваат, а сега се објавуваат и во официјални документи, како што беше и објаснувачкиот меморандум до ЕУ.

Вангелов рече дека  за него е неприфатлива дискусија во однос на тоа чии се исконските корени и смета дека проблемот се митологизира, а позициите, како што рече, се комплетно изместени и од научна и од социолошка гледна точка и се неодржливи.

– Не е само прашање на дневна политика, туку има долга традиција и затоа е тешко да се дискутира и на државно и на експертско ниво. Тие сметаат дека македонскиот идентитет се темели на антибугарски основи. Наративот за бугарскиот идентитет е многу подлабок проблем отколку што навидум изгледа преку дневната политика, рече Вангелов, кој во Комисијата членува од октомври и досега учествувал на два состанока.

Проф. Груевска додаде дека ставовите во Бугарија не се менуваат без разлика на промена на системите, а тоа го покажува, рече, и декларацијата дека во ниеден случај нема да прифатат македонски јазик, која во декември лани во Собранието на Бугарија помина со консензус, а не само од партијата на Красимир Каракачанов.

Според новинарот Сашо Ордановски, Бугарија нема никогаш да ги промени позициите. Не очекува решение, рече, за спор што е наметнат од Бугарија и дека тоа ќе биде процес во кој ќе се дискутира, а дека има многу работи што треба да се подобрат, како што се наставните содржини, учебници, заеднички славења на настани.

Рече  дека Бојко Борисов го нема капацитетот на Алексис Ципрас да  протурка процес дури и по цена да ги изгуби изборите, дека Бугарија  нема демократска традиција како Грција и дека со Грција  проблемот беше повеќе геополитички, а со Бугарите, рече, отсекогаш е идентитетски и секогаш се проблематизира македонскиот идентитет.