Вајда за причините за разделбата со Ѓоковиќ: Крајот беше минатата година
Тренерот на Новак Ѓоковиќ, Словакот Марјан Вајда повеќе не е дел од тимот на тенискиот ас. Вајда го тренираше Ѓоковиќ цели 15 години. Почнаа да работат заедно во 2006 година, но тој не замина во Австралија со српскиот тенисер на почетокот на годинава. Иако се претпоставуваше по објавата на Ѓоковиќ дека нивната соработка е прекината на почетокот на оваа година, Вајда сега се огласи и откри дека не соработувале уште од ноември минатата година.
„Официјално се договоривме да ја прекинеме соработката по крајот на сезоната во Торино. Но, се одеше кон тоа уште во септември, кога во Њујорк, Новак не успеа да ја освои 21. Грен слем титула по поразот од Медведев“, изјави Вајда, а како пресвртен момент го издвои настапот на Ѓоковиќ на Олимписките игри.
„Во Њујорк ја загуби силата пред финалето бидејќи изгуби многу енергија на Олимпијадата во Токио. Никогаш не бев за тоа да оди во Токио. Распоредот беше преполн, немаше време за подготовка, а потоа неуспехот му одзема многу физичка и ментална сила. Ја разбрав неговата цел конечно да освои злато за Србија. Но, таму се ‘скрши’ и таков стигна во Њујорк“.
Горан Иванишевиќ останува главен тренер на Ѓоковиќ. „Бидејќи не е вакциниран, ќе игра таму каде што ќе му дозволат, ќе има ограничен број на турнири. Поради сето тоа, но и затоа што веќе има силен тим со Горан Иванишевиќ, се договоривме да ја прекинеме соработката“, коментираше Вајда.
Сепак, Словакот е изненаден зошто дури сега е објавен прекинот на соработката.
„Првото нешто што тогаш ми вети беше дека ќе дојде во Братислава и ќе се разделиме на убав начин. Беше тежок период и потоа конечно ме повика на турнирот во Торино, каде што договоривме се. Нивниот медиумски тим објави, не сакав прво да контактираат со мене, им оставив се“.
„Декември не беше најдобро време за објавување бидејќи требаше да замине во Австралија. Во јануари не сакав да кажам ништо за да не ја влошам неговата ситуација во Мелбурн. Тоа би било знак на непочитување, тогаш најмногу настрада. Неговите агенти можеа да го објават тоа пред почетокот на турнирот во Дубаи, но не го сторија тоа. Тогаш дозна новинарот Саша Озмо, па мораа да ја објават нашата заедничка изјава од ноември“.