Уставниот суд контра УНЕСКО, го запре уривањето на дивите плажи на Охридското Езеро


Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, пред една недела за време на посетата на Охрид им ја даде целосната европскат поддршка на локалните власти за уривање на дивоградбите

Сосема неочекувано, Уставниот суд на денешната седница го запре уривањето на дивите плажи на Охридското Езеро со образложение дека уредбата на Владата со законска сила не била мерка за справување на последиците од корона вирусот. Во соопштението на Уставниот суд се вели дека тој повел „постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба и донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оваа уредба согласно“.

За плажите кои се предмет на уривање од страна на локалната власт нивните закупци не плаќаат со години. Таму се поставуваат чадори, лежалки, се градат шанкови, па дури и цели кафулиња. Концесиите на закупците одамна им се истечени, па сите тие работат на диво.

Извори од Уставниот суд за sdk.mk изјавија дека „овој вид Уредба нема врска со вонредна состојба. Тоа Владата може да си го спроведе со закон, а не со уредба со законска сила за време на вонредна состојба. Вакви уредби се дозволени само за оправдани цели, за нешто што има врска со сузбивањето и со борбата со корона вирусот, поради кој е прогласена вонредната состојба. Што има врска со Ковид-19 обврската на закупецот на плажа на кого му истекол договорот за закуп?“

Минатата недела амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, за време на посетата на Охрид им даде целосна поддршка на локалните власти за справување со дивоградбите изјавувајќи:

„Вашите претци не ви го оставија градот Охрид, ниту Охридското Езеро за вие да ги уништите, туку да ги оставите за идните генерации“. Жбогар во придружба на градоначалникот Константин Георгиески направи обиколка на плажите каде се врши отстранување на урбана опрема и конструкции од крајбрежјето согласно Планот за управување со Охридскиот регион, што е дел од обврските за зачувување на светското природно и културно наследство на Охрид заштитено од УНЕСКО.

Според владината уредба земјиштето за плажа кое било предмет на краткорочен закуп, а договорот за закуп е истечен или предвремено раскинат, потребно е да се врати во првобитната состојба од страна на закупецот.  Се забранува понатамошно вршење на дејност од страна на закупецот.

Уставниот суд мисли поинаку, дека закупците може на диво да ги користи плажите со години и да не плаќа ни денар за концесиите и при тоа да го доведуваат во прашање статусот во УНЕСКО.

Општина Охрид веќе има донесено правосилни решенија за уривање на плажите неколку години пред уредбата на Владата и затоа ќе продолжиме да уриваме сѐ додека не ги отстраниме сите дивоградби долж крајбрежјето, изјави за sdk.mk градоначалникот на Охрид Георгиески. (Н.В.)