Ноќеска од пукнато парно се поплавила Токсикологија – Клиниката не е осигурана од штети


Фото: Б. Грданоски

Изминатата ноќ пукнало парното на Клиниката за токсикологија на Клинички центар и вода избивала од радијатор час и половина, после што поплавени биле простории на третиот кат, но водата се слевала и надолу, се до подрумот, пишува „Слободен печат“, а информацијата им е потврдена од три извори.

Токму на ваква хаварија предупредија вработени од Клиниката за токсикологија пред неколку дена, кога преку писмо упатено до медиумите алармираа дека Клиниката за токсикологија не е осигурана. Медицинскиот директор доктор Данил Петровски, според наши информации потпишал клиниката да се осигура, ама економската директорка Бесија Иљази не го дала својот врзан потпис за одлуката и така Клиниката не е осигурана.

„Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в.д директорката не сака да потпише, затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално клиниката два месеци не е осигурана иако за тоа сме со закон обврзани“, стои во реакцијата на вработените на Токсикологија.