До крајот на годината ќе почне доградбата на ООУ „Блаже Конески“ со пари од државниот Буџет


Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.

„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.

Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.

Инаку, доградбата и надградбата на ОУ „Блаже Конески” е капитална инвестиција за која 100 милиони денари одвои Владата од централниот Буџет за 2024 година.

Владеачкото мнозинство во Собрането предводено од СДСМ во амандманската расправа за Буџетот прифати амандмани на опозицијата со кои се обезбедија 2 милијарди денари, односно 32,5 милиони евра за капитални инвестиции во вкупно 44 општини во државата.

Од овие средства за Аеродром се одвоени вкупно 170 милиони денари со кои во 2024 година се овозможи доградбата и наградбата на ОУ „Блаже Конески“ и изградба на нов објект на клонот изворче од ДГ „Срничка“.