Уште едно игралиште за деца во Ново Лисиче, а ни едно не е осветлено навечер


Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески утрово сподели дека во паркот покрај булеварот „Февруарски поход”, започнала изградбата на ново современо детско игралиште, кое ќе биде едно од вкупно десетте нови детски игралишта што ќе бидат изградени низ општината.

„Проектот е дел од нашата заложба секое маало да добие безбеден и квалитетно уреден простор каде што децата ќе растат, ќе се дружат и ќе играат“, истакна Митески.

Тој посочи дека новото игралиште ќе биде опремено со современи и безбедни реквизити, соодветна подлога од вештачка трева и уреден простор што ќе им овозможи безгрижна игра на најмладите и пријатно место за престој на целото семејство.

На само педесетина метри од таму има уште едно игралиште, многу поголемо од ова, што го отвори претходниот градоначалник Тимчо Муцунски, а беше изградено со донација од „Рагуза“ – ресторан во близина на игралиштето. 

Дека потреба за игралишта има, не е спорно, но родителите на децата реагираат дека игралиштата навечер не се осветлени. Не треба да си експерт за да знаеш дека ни едно дете таму не може да се лизга или да си игра во 15 часот, кога е прежешко, а и реквизитите се загреани до максисмум. Но, затоа пак, во 20 или 21 часот, кога ќе се стемни, игралиштата се страшни, затоа што осветленоста околу нив е загрижувачка. 

Истото се случува и со спортските терени. Нитуе еден не е осветлен навечер, а децата трчаат да поиграат кошарка или фудбал од 20 до 21 часот, затоа што потоа топката не се гледа. 

Градоначалникот се пофали дека за прв пат на оваа локација поставиле и наводнување, што за волја на вистината, и на местата каде имаше систем за наводнување, утрово прв пат, во цело лето беа пуштени прскалките. 

„За прв пат на оваа локација ставаме во функција и систем за наводнување. Продолжуваме со инвестиции што го подобруваат квалитетот на живот во секоја населба, затоа што секое дете заслужува безбедно и убаво место за игра“, порача градоначалникот.(Б.Б.)