СДСМ: Владата склучила договор вреден 100.000 евра за вода со „Кожувчанка“
Додека граѓаните на Гостивар со недели пиеја загадена вода и илјадници луѓе се соочуваа со здравствени последици, Владата на Мицкоски преку Службата за општи и заеднички работи склучила договор за набавка на вода за пиење во вредност од 100.000 евра, обвинува денеска опозициската СДСМ.
„Договорот, поради кризата, е склучен со директно договарање, без јавен оглас. Бизнис зделка од 100.000 евра без тендер. Според достапните информации, договорот е склучен со „Кожувчанка“, компанија која е сопственост на градоначалникот на Општина Кавадарци, а постапката ја спровел директорот на СОЗР, Ивица Томовски“, додаваат од таму.
Од партијата се сомневаат дека власта истото сака да го направи и со законот за Скопје Град на културата за 2028, за да можат договорите да ги склучувата само со „свои“ фирми.
„Дури и во овие моменти кога народот се труе, они тераат бизнис и профитрираат. Профитираат на грбот на народот и на здравјето на луѓето“, велат од СДСМ.