Училиштен прибор и ранчиња за секое прваче во Карпош – ни едно дете не ги носи
Години наназад, скопските општини обезбедуваат ранчиња и прибор за првачињата, што градоначалниците им ги делат на првачињата на првиот училишен ден.
Денеска и Општина Карпош се пофали дека на почетокот на новата учебна година ќе ги пречекаат најмладите ученици кои годинава за првпат ќе седнат во училишните клупи,
обезбедувајќи им ранче и основен училишен прибор. Оваа активност се реализира согласно годишната програма на Одделението за образование, за која од Буџетот на Општина Карпош се издвоени 1.000.000 денари, соопштија од Општината.
По повод почетокот на учебната година, градоначалникот Сотир Лукровски, ќе ги посети основните училишта на територија на Општина Карпош, при што на првоодделенците ќе им бидат врачени ранчињата и училишниот прибор.
Со оваа мерка, Општина Карпош ќе им посака топло добредојде на најмладите ученици и успешен почеток на нивното образование, а воедно обезбедува и финансиска поддршка за семејствата во пресрет на новата учебна година.
Ваква активност неколку години се спроведува и во Центар, Кисела Вода, Ѓорче Петров, но без оглед на добрата намера на општините и градоначалниците, да им помогнат на родителите на првачињата со намалување на трошоците за почетокот на учебната година, ретко кое дете ги носи токму тие ранчиња во училиште. Можеби само приборот кој и се дели се искористува, но ранчињата се двоен трошок, а ете, годинава Карпош, за таа намена ќе потроши дури милион денари (16.210 евра). Родителите, баби, дедовци, тетки вообичаено сакаат новото прваче да го испратат со нов ранец, купен од можеби истата продавница за училиштен прибор, како и овие од општината, но по свој избор, па тие што ќе ги добијат од општината им се само вишок. Да се надеваме дека ги користат барем за на екскурзија! (Б.Б.)