Тешка сообраќајка на патот Битола-Прилеп, девет лица се повредени
БИТОЛА – Тешка сообраќајка се случила утрово на патот Прилеп – Битола при судир на четири возила, во близина на мостот на Шемница.
Според Клиничка болница Битола – во болницата се пренесени девет лица со повреди и пружена им е лекарска помош. Од повредените има и странец од Србија.
„Едно лице поради сериозноста на повредите веднаш е внесено во операциона сала. Од вкупно девет повредени, шест лица се во Одделението за хирургија, додека тројца по укажаната лекарска помош се пратени на домашно лекување“, велат од Клиничка болница Битола.
АМСМ информира дека од 9 часот утринава во целосен прекин е сообраќајот на магистралниот пат А3, на делницата Битола–Прилеп, во близина на мостот на реката Шемница, поради сообраќајна незгода. Засега нема информации кога ќе биде воспоставен нормален сообраќај на оваа делница. (А.Б)