Шест лица приведени, едно повикано на службен разговор, извршени претреси за пукањето на семејна веселба во гостиварско
Полициски службеници од СВР Тетово во врска со објавеното видео на социјалните мрежи за пукање на семејна веселба во Добридол, гостиварско, извршија претреси на повеќе локации, при што се приведени шест лица, а едно лице е повикано на службен разговор.
При претресите се пронајдени и одземени оружје и муниција, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од МВР велат дека во 18:00 часот бил извршен претрес кај И.С. (21), а пет минути подоцна кај А.И. (30), при што бил пронајден и одземен еден гасен пиштол.
Истовремено претрес бил извршен и кај И.Б. (25). Во 18:15 часот полицијата извршила претрес во домот на Б.А., каде што биле пронајдени 30 куршуми за гасен пиштол, додека во дворот биле пронајдени 27 испукани чаури од гасен пиштол и еден патрон за ловно оружје.
„Од слобода се лишени Б.А. (46) и неговиот син М.А. (21) од Добридол. Во 18:25 часот извршен е претрес кај Т.М. (26), при што се пронајдени и одземени еден пиштол со осум куршуми, една ловна пушка со седум куршуми и еден гасен пиштол, по што тој е лишен од слобода, а С.М. е повикан на службен разговор“, информираат од МВР.
По целосно документирање на случајот, МВР најавува соодветни пријави против лицата опфатени во акцијата.
Инаку, случајот беше покренат откако на социјалните мрежи се појави видеоснимка од семејна веселба во гостиварското село Добридол, на која се гледа како повеќе лица пукаат со оружје. Во објавата на МВР на социјалните мрежи, споделено е и видеото од пукањето на приватната прослава.