Уште едно голче, со пета! До кога?

Сеприсутната култура на малограѓански фамилизам ја окупира политиката. Од гледна точка на ваквата свест, кругот на одговорноста е многу тесен


Дните изминати од мојата последна колумна се изброиви, но не и настаните кои заслужуваат промислување. Приемниците на општата и секако на социолошки тренираната јавност беа затрупани со теми. Се изредија една врз друга, која од која поинтригантна. Навистина е возбудливо да се живее во вакво динамично време. Но, за жал, многумина не ги преживуваат, во буквална и во фигуративна смисла, ризиците кои ги носи реката од непредвиливи и неочекувани настани. 45-те загинати во последната од низата автобуски сообраќајни несреќи се, до сега, најсилно предупредување дека во ова општество многу нешто е забегано и дека матната може да го однесе секого од нас.

Според толкувањето на соновите матната вода е лош знак и предупредување за внимателност. Особено силно предупредување е црпењето матна вода од извор. Каква вода црпиме од изворот на нашата демократија? Најновата сеанса од континуираното руинирање на угледот на највисокиот орган на државната власт – Собранието на Републиката јасно кажува дека од него тече матна вода. Во гладијаторската борба за власт помеѓу коруптивната и цинична влада и морализатроската и патетична опозиција граѓанството беше оставено со прстот в уста! Сега состојбата е ни риба и девојка. Власта нема мнозинство, а со тоа ни легитимност да го продолжи своето владеење. Опозицијата, пак, не успеа формално-процедурално да го потврди најавеното мнозинство, претходно осведочено со своерачни потписи од 61 пратеник.

Појавно, парламентарната маскарада ја изведоа два лика. Најпрво, таква улога играше пратеникот Кастриот Реџепи. Во негови раце беше и остана не само загатката за тоа кој ќе владее со државата, туку и каква ќе биде нејзината европска иднина. Втората главна споредна улога ја одигра претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој ефективно ја заврши претставата на Реџепи. Така, наместо најавеното сценарио на опозицијата за промена на власта видовме шарадна претстава за одржување на владата. Матна претстава, матна вода, лов во матно!

И во овој случај како во оној од пред десеттина години, еден пратеник, со познатата мангупска формула, „голче со пета“ ја решава загатката кој ќе владее. Ова повторно ме враќа на прашањето зошто ваквите однесувања ни се повторуваат? Зошто нема одговорност на народните претставници и на оние избрани и именувани од нив?

Во однос на ова прашање, секако дека држи вода тезата според која тоа се должи, во голема мерка, на сеприсутната култура на малограѓански фамилизам. Од гледна точка на ваквата свест, кругот на одговорноста е многу тесен. Човек е одговорен само и единствен кон своите најблиски. Тој не познава одговорност кон јавната, граѓанска заедница туку само кон приватната, семејна заедница.

Овој социолошки феномен, според некои истражувачи е главниот објаснувачки фактор за заостанатувањето на општествата во нивниот развој. Аморалниот фамилијализам се состои во преовладување на една ситнопоственичка свест за приматот на интересите на најтесниот личен, т.е. фамилијарен круг. Таквата свест ги ограничува луѓето да дејствуваат заедно во насока на остарување на интересите на некој поширок колективитет – село, општина, град, нација па дури и политичка партија. Сѐ се врти околу интересите на најтесниот круг во кој се воспоставуваат блиски, фамилијарни односи.

Ваквата колективна свест е силно присутна кај нас. Нејзиното менување во насока на градење на граѓански доблести е главна социолошка претпоставка на толку посакуваната европеизација на македонското општество. Европеизацијата претпоставува модернизација на односите со другите. Формулата „голче со пета“ секако не е дел од арсеналот на модерното социјално инжинерство. Напротив. Тој е пример за назначениот ситноџепчиски менталитет. Мојот моментален интерес е единствениот критериум, не само за мојот став кон работите кои ме засегаат лично мене, туку и за мојот став кон работите кои ги засегаат другите, за прашањата од јавен интерес.

Нашиот проблем со ваквиот менталитет е во тоа што тој е институционално поддржан. Негова главна институционална потпора е токму Собранието на  Републиката. Тоа е точката од каде почнува да се заматува водата. Тука, пред се, мислам на начинот на кој се избираат нашите претставници. Во името на поголемата претставителност на законодавниот дом воспоставен е изборен модел кој генерира раздробен парламент и потоа коалициски влади. Во таква констелација на односи соло играчи в лице ни се смеат заради нашата наивност, или пак цинично нѐ убедуваат дека со својот изненадувачки, бравурозен потег ја спасуваат демократија и нашата европска иднина.

И им личи да нѐ исмеваат. Еве зошто. Лингвистичката анализа на говорната фигура „гол со пета“ кажува дека со неа делот (петата, односно во нашата реалност едниот пратеник) не само што ја заменува туку сосема ја истиснува целината (ногата или телото, односно, во нашата реалност, Собранието на Републиката). Политичката анализа, пак, покажува дека нашиот изборен модел „плаче“ за реформа во насока на зајакнување на одговорноста и транспарентноста на народните претставници и од нив избраните и именуваните органи и тела на јавната власт. Нема да претерам ако од една  спроредбена перспектива кажам дека првиот парламентарен состав беше многу подемократски, попретставителен и со поголема одговорност кон избирачите од денешниот.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)