Унгарискиот претседател потпиша сопствена смена
Претседателот на Унгарија, Тамаш Шујок, ги потпиша измените на унгарскиот Устав кои беа иницирани и протуркани од владата на премиерот Петер Маѓар и неговата партија ТИСА.
Уставните измени содржат одредба според која „надлежностите на актуелниот претседател на републиката престануваат, а парламентот избира нов шеф на државата во рок од 30 дена“ од стапувањето на документот во сила.
Новата унгарска влада појасни дека оваа мерка е неопходна бидејќи Шујок не ги извршувал правилно своите должности и не бил гарант за владеењето на правото. Според владата, сега е потребно „да се врати довербата во институцијата шеф на државата и да се гарантира почитувањето на уставните принципи за функционирање на власта“. Шујок, инаку, се сметаше за близок соработник на претходниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан.
Претседателот денеска, во видео објавено на социјалните мрежи, изјави дека со оглед на тоа што шефот на државата во Унгарија во принцип не може да испраќа уставни амандмани до Уставниот суд за проверка на нивната суштина, тој нема уставни механизми да ја оспори актуелната измена, иако таа потенцијално може да биде во спротивност со уставните принципи, пренесе унгарската агенција МТИ.
Шујок истакна дека со потпишувањето на законот само ја исполнува својата обврска согласно Уставот и во рамките на неговата претседателска должност. Според него, тоа покажува дека тој има апсолутна почит кон институцијата претседател во сите околности. Тој нагласи дека секогаш го бранел Уставот, ги извршувал своите должности со целосна почит кон него и не можел да одбие да ги потпише измените без да го прекрши законот.
Истовремено, тој посочи дека конкретно 17-тиот уставен амандман – оној со кој предвреме се прекинува неговиот мандат – претставува „сериозен и срамен историски пример за злоупотреба на политичката власт, кој означува пресвртна точка во уставната демократија на Унгарија и остава длабоки рани врз нејзините основни вредности: демократијата, поделбата на власта и владеењето на правото“.
„Основните вредности на слободното општество беа погазени во име на политички интереси. Целата одговорност за оваа одлука ја сноси органот кој има овластување да го менува Уставот“, изјави Шујок.
Како што пренесува МТИ, Шујок оцени дека амандманот практично ставил крај на демократската правна држава, родена од наследството на 1956 година и од промената на режимот, како и на континуираниот легитимитет на претседателската институција од 1990 година наваму. Тој додаде дека по стапувањето во сила на измените, претседателската функција ќе стане потчинета на извршната власт и на политиката, нејзината јавноправна улога ќе избледи, основните функции ќе престанат да постојат и таа повеќе нема да ја исполнува улогата на контрола и рамнотежа на власта.